Македонија
4. August 2017 - 19:45

ДИК подготвена за спроведување на локалните избори

Прирачниците за едукација на општинските изборни комисии и избирачките одбори беа усвоени на денешната 124. седница на Државната изборна комисија (ДИК). 

Како што соопшти ДИК, досега ова се најдобрите изготвени прирачници кои ќе придонесат за законито спроведување на изборните дејствија. Со ова, како што се наведува, Државната изборна комисија е целосно подготвена за спроведување на локалните избори кои се предвидуваат во октомври 2017 година.

На денешната седница ДИК го разгледала и усвоила Проектот за проверка и проценка на пристапноста на избирачките места за лица со посебни потреби на територијата на Република Македонија, кој е и прв проект од ваков тип кој ќе се реализира. 

Меѓу другото биле усвоени извештаите од спроведената функционална анализа во ДИК, Извештајот за институционална проценка на подрачните одделенија и канцеларии на ДИК, Предлог–правилникот за внатрешна организација и делокруг на работата на стручната служба на ДИК, како и Предлог-правилникот за систематизација на работните места во Стручната служба на ДИК. 

Во соопштението се наведува дека ДИК на седницата особено внимание посветила на ребалансот на буџетот предвиден за тековната година и за изборните дејствија.

- Како највисок државен орган кој се грижи за законитоста во подготовката и спроведувањето на изборните дејствија, а во исто време и еден од државните органи предвидени со Планот 3 – 6 – 9, ДИК се доведува во состојба на неможност во извршување на предвидените дејствија. Од тие причини на денешната седница, ДИК донесе заклучок веднаш да се обрати до Министерството за финансии со цел изнаоѓање на функционално решение за спроведување на сите предвидени дејствија, стои во соопштението.