Македонија
18. April 2019 - 16:07

ДИК подготвена за изборите в недела - почна дистрибуцијата на изборниот материјал

Во раните утрински часови и под силно полициско обезбедување, денеска од Битола започна дистрибуцијата на доверливиот гласачки материјал за престојните претседателски избори. Членовите на Државната изборна комисија го подигнаа материјалот од печатницата „Киро Дандаро“ и во текот на денот го доставија до сите 80 општински изборни комисии во државата. 

-Од аспект на подготвеност на материјал, се се одвива беспрекорно, во недела нема да имаме никакви проблеми барем што се однесува до квалитетот и изработката на гласачкиот материјал, истакна ОЛИВЕР ДЕРКОСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДИК.

Безбедноста на гласачките ливчиња е на највиско ниво.

-Овие ливчиња имаат 21 заштита, така што не е можно да се фалсификува ниедно ливче. Оргиналните записници се направени на заштитна хартија, која не може да се копира и да се преправа, на специјална хартија со генерирани податоци за секое избирачко место, истакна ДРАГИ МИЛОШЕВСКИ, ДИРЕКТОР НА ПЕЧАТНИЦА „КИРО ДАНДАРО“ БИТОЛА.

Дерковски ги демантираше шпекулациите кои се појавиле за изгледот на гласачкото ливче.

-Гласачкото ливче го содржи знамето на нашата држава, редните броеви на кандидатите имињата на презимињата и симболите на политичките партии кои дадоа согласност, никакви други ознаки на гласачкото ливче нема, да не се доведува до забвлуда јавноста дека има какви било други додатоци, додаде Деркоски.

На избирачкиот список се запишани вкупно 1.808.131 гласач, а ќе се гласа на 3480 избирачки места. Во сабота ќе гласа дијаспората каде се пријавени 1782 гласачи, а истиот ден ќе гласаат и 3583 болни и немоќни лица, како  и 1600 затвореници и седум раселени лица.