Македонија
15. December 2016 - 17:42

ДИК отфрли седум приговори на Движењето БЕСА

Државната изборна комисија (ДИК) денеска отфрли седум од осум приговори за гласањето, сумирањето и утврдувањето на резултатите на неделните предвремени парламентарни избори на Движењето БЕСА. Образложението на мнозинството членови на највисокото изборно тело во државата беше дека тие биле правно неосновани, не содржеле докази и оти се поднесени откако беа објавени резултатите од гласањето и соопштувањето на бројот на мандатите. 

Во 16 часот членовите на ДИК заминаа на едночасвна пауза откако ги повикаа претседателот и членовите на Избирачкиот одбор од избирачкото место 0396/1 - Гостивар во ИЕ 6 да дојдат на сослушување бидејќи од записникот беше утврдено дека членоите на ИО утврдиле обид една жена да гласа по вторпат. Приговор за ова избирачко место поднесе БЕСА со тврдење дека е овозможено гласање за друг. 

Седницата по паузата ќе продолжи со расправа по приговорите на СДСМ, а отако ќе заврши одлучувањето за овие приговори, членовите на ДИК ќе го сослушаат ИО од избирачкото место 0396/1 во Гостивар. 

Во расправата по приговорите, Сашо Срцев истакна дека сите приговори на БЕСА се правно неосновани и без материјални докази. Потенцираше дека членовите на ова највисоко изборно дело во државата денеска се во центарот на вниманието на јавноста и оти својата работа по приговорите треба да да ја завршат строго професионално, непристрасно и според сите законски прописи. Срцев за време на дискусиите укажа дека ДИК со помош на меѓународната заедница изготви Правилник за начинот и за постапките за решавање по приговори и дека ДИК треба да работи врз основа на овој подзаконски акт.

Според Бедредин Ибраими, во приговорите на Движењето БЕСА нема никакви докази, ниту тие се правно издржани. – Погрешно се информира јавноста за изборниот процес и се прават драми, смета Ибраими. Членовите на ДИК, според него, се сами виновни што има коментари за нивната работа бидејќи тие се впуштиле во дебата за правно неосновани приговори. - Во оваа држава има закони и подзаконски акти, ние дозволивме беспотребно да се впуштаме во дебата, рече Ибраими. 

Игор Милев и Виолета Дума гласаа „за“ прифаќање на дел од приговорите на БЕСА и сметаа дека има основа тие да бидат прифатени. Игор Милев по службена должност бараше отворање на гласачка кутија од едно од изборните места  за кое БЕСА тврдеше дека на неколку неважечки ливчиња не било ставено печат за подоцна да бидат прогласени за неважечки. Членовите на ДИК не го прифатија предлогот на Милев. Од записникот беше констатирано дека на ова избирачко место има само три неважечки ливчиња, а Атанас Урумов констатираше дека во приговорот има прејудицирање и оти тој е без аргументи.   

Со тврдење дека приговорите на БЕСА се правно неосновани беше и Субхи Јакупи, кој рече дека на ДИК не и доликуваат политички говори и да се прави притисок како да гласаат членовите. - Ние правиме пат за нешто што не е законско, рече меѓу другото Јакупи на седницата.  

Приговорите на БЕСА се однесуваа на избирачки места во Втората и во Шестата изборна единица.