Македонија
17. December 2016 - 20:07

ДИК одлучува за последниот приговор за изборите

Државната изборна комисија (ДИК) вечерва ја продолжи расправата за последниот приговор на СДСМ за избирачко место 2011 во општина Теарце во Шестата изборна единица за парламентарните избори од 11 овој месец.

По проверката на избирачкиот материјал и сослушувањето на Општинската изборна комисија и на Избирачкиот одбор од ИМ 2011 претседателот на ДИК Александар Чичаковски даде 15-минутна пауза, по која треба да се гласа за приговорот.

СДСМ бара да биде поништено гласањето на ова избирачко место бидејќи на почетокот на гласањето недостасувало едно гласачко ливче со кочанот на кој е впишан серискиот број. При броењето на гласовите ливчето е најдено во гласачката кутија. Според членовите на СДСМ, нарушена е исто така и тајноста на гласањето, а го нема и записникот број 15 од ова избирачко место.

Досега, ДИК прифати само еден приговор од движењето Беса и поништи гласање на едно избирачко место во Гостивар. Отфрлени се пет приговори поднесени од Коалицијата предводена од СДСМ и седум од Движењето Беса. СДСМ, пак, вчера повлече два поднесени приговора. 

По доставувањето на решенијата до партиите учесници на предвремените парламентарни избори на 11 декември ќе почне да тече 24-часовниот рок за поднесување на тужби до Управниот суд. Судот, пак, треба да одлучи по тужбите во рок од 48 часа. 

Пред зградата каде што се наоѓа седиштето на Комисијата, и вечерва се собрани граѓани кои протестираат за, како што посочуваат, да спречат да биде одземена волјата на мнозинството гласачи. Пред нив се обрати и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, при што презентираше Проглас донесен од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.