Македонија
7. July 2020 - 16:36

ДИК: На ден пред истекот на рокот само 19 пријави за гласање од лица во самоизолација

Само 19 лица кои се во изолација поради корона вирусот до сега се пријавиле за гласање дома, потврдуваат од ДИК иако во земјава според евиденцијата на Државниот санитарен инспекторат такви се околу 5.000 лица. Само 4-ца пак, од овие 19мина се во Скопје, и тоа 3-ца во Карпош и еден во Аеродром. Овие граѓани ќе гласаат во посебно резервираниот ден-понеделник 13 јули. Рокот за пријавување за гласање на оние во изолација истекува утре на полноќ. Сите оние кои ќе добијат решенија за изолација по овој рок нема да можат да го искористат своето гласачко право.

Лицата кои ќе се пријават за гласање, а се во изолација ќе бидат посетени во своите домови од посебни избирачки одбори, составени од по тројца здравствени работници и претставници на партиите. Но, токму со овие избрачки одбори од вчера има друг проблем – дури 100 здравствени работници од 110 посебни избрачки одбори бараат да бидат иземени и да не бидат дел од избрачкиот процес.

За гласањето, кое поради пандемијата со КОВИД 19 ќе трае 3 дена, министерот за здравство уверува дека ќе е сосема безбедно.

Во вторник ќе гласаат болните и изнемоштените лица, хронично болните како и лицата во затвор и домашен притвор. На 15 јули, среда, ќе гласаат сите останати гласачи од избирачкиот список. За нив гласањето ќе започне во 7 часот а ќе заврши во 21 часот.