Македонија
7. August 2020 - 16:56

ДИК им ги зголеми надоместоците на членовите на одборите

За 100 отсто се зголемуваат надоместоците кои ќе ги земат членовите на избирачките одбори кои учествуваа на изборите. Државната изборна комисија за 20 проценти ги зголеми и надоместиците на Општинските изборни комисии. По 6.000 денари надомест ќе добијат и здравствените работници кои беа дел од посебните избирачки одбори.

Оттаму уверуваат дека не станува збор за награда, туку тоа се заслужени пари поради зголемениот обем на работа и поради целата ситуација со здравствената криза.

-Голема благодарност до членовите избирачките одбори кои директно беа подложени на голем контакти со гласачите, но почитувајќи здравствените протоколи и правните процедури ние денеска нема кластер „избори“, изјави Елизабета Постоловска од ДИК.

Најголеми надоместоци ќе земат членовите во општинските избирачки одбори. Но сумата ќе зависи од големината на општината, односно бројот на изборни комисии. Па така, сумата се движи од од 30 до 72.000 денари за претседателите на комисиите и од 5 до 60.000 денари за членовите на комисијата.

- На ОИК кои имаат од 101 до 130 избирачки одбори претседателот ќе добие 66.000 денари, а членот 54.000 денари. И на ОИК кои имаат над 131 избирачките одбори за претседателот ќе биде 72.000, а за членот 60.000 денари, истакна Јанаќе Витановски. 

Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски уверува дека вкупните износи кои ќе се исплатат по основ на надоместоци за предвремените парламентарни избори ќе бидат речиси идентични како тие што беа исплатени за претседателските избори.

-Минатите претседателски избори за избирачките одбори исплативме околу 139 милиони денари за 35.000 денари. Ќе исплатиме и сега иста сума. За ОИК исплативме околу 20 милиони денари и сега ќе исплатиме отприлика толку, 23-24 милиони денари. Значи средствата се истите тие кои што беа проектирани во буџетот. Сега имаше еден круг, меѓутоа имаше посебна ситуација, рече Дерковски.

Дерковски вели дека ДИК заштедила околу 30 милиони денари поради тоа што дијаспората не гласаше, а пари биле заштедени и преку јавните набавки.

Сепак, членовите на ДИК се изземаа од зголемува на приливите. Тие ќе ја земат само основната плата, без никакви надоместоци.

Минатиот состав на ДИК си поднесе оставки откако излегоа информации дека за 18 месеци си поделиле бонуси и надоместоци во висина од 30 плати, што предизвика револт во јавноста.