Македонија
25. July 2020 - 16:48

ДИК им ги врачи уверенијата на новите пратеници

Изборите се завршени, Собранието и официјално ги доби идните пратеници. 46 од нив доаѓаат од коалицијата предводена од СДСМ, 44 пратенички фотелји се резервирани за коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, со 15 мандати во работата на законодавниот дом ќе учествува ДУИ, коалицијата "Алијанса за Албанците" и "Алтернатива" има 12, а место меѓу 120-те пратеници има и за "Левица" која доби два и ДПА која се избори за еден мандат.

Резултатите ги официјализираше Државната изборна комисија.

Според првиот човек на ДИК, изборниот процес иако во специфични услови на пандемија, поминал во одлична организација и без посериозни забелешки од сите набљудувачи. Дерковски убедува дека дури ни хакерскиот напад во ДИК, не фрлил сенка врз изборите.

“Она што се случи вечерта со објавувањето на резултатите, вие сте сведоци дека беше предмет на напад од надвор. Впрочем, тоа го кажа вчера и МВР. Кога ќе заврши истрагата таму и комплетно ќе бидете навремено известени. Сметаме дека тоа никако не можа да се поврзе со целиот процес, затоа што резултатите се утврдуваат на многу подруг, посебен начин и не може никако да влијае на она што ДИК го работи”

Мандатити беа спремни за подигање. По нив најпрвин дојдоа овластени лица од ДУИ и од СДСМ.

По нив дојдоа дваесетина избрани пратеници од ВМРО ДПМНЕ предводени од генералниот секретар, кој ги подигна уверенијата и за останатите негови партиски колеги. Од второпласираната партија на овие избори не исклучуваат учество во идната влада.

Уверенијата за пратеници не ги подигнаа од Алијанса за Албанците и Алтернатива, Левица, а неподигнат остана и мандатот од ДПА.

По објавувањето на конечните официјални резултати се очекува да се засилат партиските формални преговори околу идниот состав на Владата.