Македонија
30. September 2018 - 10:09

ДИК: Гласањето мирно и без неправилности, излезеноста до 9 часот 2,45 отсто

На 3.480 гласачки места во 80 општини на територијата на Република Македонија право на глас имаат 1.806.366 гласачи. На сите гласачки места веќе два и пол часа гласањето тече мирно и без неправилности.

До 9 часот од обработените податоци во ДИК, а пристигнати се податоци од 71,53 проценти од избирачките места, процентот на избирачи кои гласале е 2,45 отсто.

Како што информира на денешната прва прес-конференција во ДИК, најголема излезност до 9 часот има во општина Демир Хисар со 4,12 проценти, а најмала во општина Конче 0,73 проценти

- Досега до ДИК доставени се вкупно три приговори за заштита на личното избирачко право и сите три приговори се одбиени како неосновани, изјави портпаролот на ДИК Љупко Гугучевска.

Гугучевска појасни дека сите три приговори граѓаните ги поднеле до ДИК затоа што не биле запишани во изводите од Избирачкиот список. Еден од приговорите е одбиен како неоснован бидејќи, како што рече, граѓанинот имал поништено живеалиште од страна на МВР. Вториот граѓанин немал важечки документ за лична идентификација, додека третиот пријавата за гласање во странство не била доставена до ДИК.

Во овој процес гласачите имаат право на два вида приговори за заштита на личното избирачко право и приговори за постапката за гласање и сумирање и утврдување на резултатите. Овие приговори гласачите можат да ги поднесуваат на образец што може да се подигне на секое гласачко место или елекронски на веб-апликацијата.

Таа додаде дека во функција е и бесплатната телефонска линија 0800 555 44 преку која граѓаните можат да пријавуваат неправилности или да поставуваат прашања до ДИК.

Портпаролот на ДИК информира дека резултатите од вчерашното гласење во казнено-поправните домови, ДКП-та, на болните и раселените лица до 19 часот, официјалните податоци ќе бидат соопштени на веб-страницатра на ДИК.

Следната прес-конференција на ДИК е во 11:30 часот.