Македонија
22. August 2015 - 16:52

Дијаспората ќе ги загуби своите пратеници со предлогот на СДСМ за една изборна единица

СДСМ сака да го оствари она на што дијаспората најжестоко се спротивставува. Предлогот на опозицијата за дијаспората да важи една изборна единица би значело разлевање на нивните гласови и губење на своите претставници во парламентот. Оваа можност за македонските иселеници е навредлива.

Во однос на дијаспората клучно е таа да продолжи да има барем најмалку по еден пратеник од трите изборни единици. Не е поентата само тие да гласаат и нивните гласови да се разлеат во многуте гласови во Македонија и тие да немаат свој пратеник. Не е само прашањето дали ќе го задржат правото на глас, туку дали ќе имаат свој пратеник преку којшто ќе ги искажуваат своите ставови, предлози и проблеми. Тоа не смее да им се одземе. И ВМРО-ДПМНЕ ќе го застапува тој став и ќе се бориме тоа да остане. Одземањето на пратениците коишто ги делегира дијаспората преку политичките партии во Македонија е скратување на врските со дијаспората и е праќање на лош сигнал кон дијаспората која што многу и помага на Македонија во секој поглед, изјави премиерот Груевски

Сличен е ставот и на експертите. Според поранешниот амбасадор Никовски би било погубно за државата доколку во овој момент им сврти грб на иселениците, кои се нераскинлив дел од македонското ткиво и силен поддржувач на земјава

За владеачката партија неприфатлив е и предлогот на СДСМ за воведување на една изборна единица во Македонија. Премиерот Груевски смета дека доколку се менува долгогодишниот пропорционален систем, следниот модел на гласање би требало да биде мнозинскиот, бидејќи само на тој начин граѓаните ќе гласаат за личности со кредибилитет, а не само според партиската припадност, како што се залага СДСМ.

Веќе долги години во Македонија имаме пропорционален систем со шест изборни единици. Од она што можам да го забележам тоа не прави никакви проблеми и системот е прилично добар. Ако веќе разговараме за промена на системот и ако сакаме да имаме некоја додадена вредност од оваа промена на системот, мислам дека воведувањето на мнозински систем на гласање е систем којшто може да биде нова додадена вредност. Ако се оди на промена, тогаш ставот на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде да се воведе класичен мнозински систем. Тогаш до израз доаѓа и личноста на пратеникот, не само партиската припадност, туку и личноста на секој пратеник и сите други предности коишто ги носи овој систем коишто и многу аналитичари во државата го предлагаат.

Во меѓувреме и натаму траат преговорите помеѓу власта и опозицијата околу догороот од Пржино, кои во најголем дел се однесуваат на избирачкиот список, составот и надлежностите на ДИК и гласањето на дијаспората.