Македонија
27. December 2017 - 16:07

Дијабетичарите бараат лично премиерот Заев да се заложи за решавање на инсулинската криза

Еден месец некои си поигруваат со судбините на над 50 000 лица кои се  зависни од инсулин, меѓу кои 500 се деца. Во отворено писмо до претседателот на Владата, здружението на дијабетичари Лолипоп од Велес бара итно решавање на инсулинската криза која според нив трае подолг период. Предупредуваат дека состојбата е алармантна.

- Уште еднаш од Вас бараме да ставите моментален крај на Инсулинската криза во државата! Инсулин да стасува до секој што му е потребно, а истовремно да донесете системско решение со кое нема да се овозможи следна криза, која и сега мислиме дека е наметната, но и без оглед на тоа ни одзема животи, пишува во писмото до Заев.

Од Владата одговорија дека според нивните информации има доволно залихи и нема инсулинска криза. И од министерството за здравство со апел до лицата со дијабетес да бидат спокојни бидејќи преку компанијата производител обезбедиле доволни количества а во процес било и изработка на ново законско решение. Но од здружението реагираа дека од донацијата не ја добиваат неопходната количина.

-Јас на пример добив две пенкалца а треба да добијам 6. Значи нема доволно за сите. Во ситуации кога нема инсулин, ние дијабетичарите разменуваме меѓусебно и понекогаш кратиме од количините за да има за сите. Затоа и пишавме до премиерот за конечно да се стави крај на овој голем проблем, вели Димче Велев, претседател на здружението Лилипоп од Велес

И возрасните и децата кои се зависни од инсулин секојдневно живеат во неизвесност – дали ќе имаат терапија и кога ќе заврши кризата. За проблемите со кои се соочуваат семејствата, пред камерата на Сител јавно проговори мајка на 12 годишно дете кое е со инсулинска пумпа. Вели дека е многу тешко кога мора сама да обезбеди инсулин.

-Се снаоѓаме сами преку фејсбук групите..Оние кои имаат пенкало повеќе даваат и така. Се трудам таа да не дознае дека одреден период нема терапија. Но не е лесно. Откако е на инсулин непроспиените ноќи се секојдневие, постојано ноќе станувам за да видат дали треба корекција, како е...ова со немањето инсулин е дополнителен товар, вели Виолета Трајчевска, мајка на дете со инсулинска пумпа

И Виолета како мајка, и останатите 50 000 дијабетичари на инсулин, се надеваат дека надлежните системски ќе го ре шат проблемот и повеќе нема да се зборува за инсулинска криза.