Балкан
30. December 2017 - 9:17

Дие Велт: Спорот за Пиранскиот залив може да ја приближи Хрватска кон Полска и Унгарија

Германскиот весник Дие Велт предупредува дека спорот меѓу Хрватска и Словенија околу Пиранскиот залив, иако бизарен, може да предизвика криза во Европската унија. Кризата меѓу двете земји ескалираше неделава, откако Словенија почна да ја применува арбитражната одлука и да ги протерува хрватските бродови од пограничните територијални води кои ги смета за свои.

- Хрватска и Словенија со години жестоко спорат околу неколку квадратни метри море, и тоа не море со некои од убавите јадрански плажи туку област која им служи само на неколку рибари. Двете соседни земји опасно се конфронтираат, а оваа долготрајна кавга може да ескалира по одлуката на Словенија да ја имплементира арбитражната одлука, пишува германскиот весник, потенцирајќи дека Хрватска не ја признава одлуката на арбитражниот суд кој и го додели спорниот дел од морето на Словенија.

Дие Велт оценува дека спорот околу Пиранскиот залив е дел од територијалните спорови кои се јавиле по распадот на Југославија и дека кавгата меѓу Хрватска и Словенија може да се одрази на кревкиот мир на Балканот. Но, весникот вели дека спорот може да има и посериозни последици, имајќи предвид дека двете држави се членки на ЕУ. Според Дие Велт, можно е во рамките на спорот Словенија повторно да ги заостри граничните контроли кон Хрватска, која се уште не е членка на Шенгенскиот договор, што би имало сериозни последици по хрватскиот туризам.

- Познавачите на состјбите во Брисел се загрижени дека инсистирањето на Европската комисија Хрватска да ја признае арбитражната одлука ќе биде сфатено како пристрасност на ЕУ во полза на Словенија и може дополнително да ја приближи Хрватска во сојуз со националистичките партии во Унгарија и Полска. Таков развој на настаните би претставувал поставување експлозив под европскиот проект, пишува Дие Велт.