Свет
15. October 2019 - 14:33

Ди Мајо: Италија ќе го преиспита односот со Турција

Италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи ди Мајо денеска потврди дека земјата ќе усвои уредба со која се суспендира извозот на оружје во Турција, но и оти ќе ги преразгледа и постоечките договори за продажба на оружје со Анкара.

Во обраќање во Долниот дом на италијанскиот Парламент, тој рече дека Турција треба да ја прекине офанзивата против курдските сили во Сирија.

– Турција единствена е одговорна за ескалацијата. Таа мора веднаш да ги прекине воените операции, додаде Ди Мајо.

Според него, офанзивата има „уништувачки ефект на хуманитарно ниво“.

Ди Мајо изјави дека Италија е благодарна на сириските Курди за нивната борба против таканаречената Исламска држава, но и оти турската офанзива би можела да помогне движењето повторно да оживее во Сирија.