Македонија
20. October 2017 - 8:49

Ди Александер, „Интерзоне“ и Орландо Џулиус на Скопски џез-фестивал

На Скопски џез-фестивал вечер ќе настапи Ди Александер, една од најталентираните и најпочитуваните вокалистки од Чикаго. Позната џез-пејачка со својот квартет доаѓа во Европа само за овој концерт. Фестивалот ја најави како изведувач чии таленти се протегаат на секој музички жанр, но дека во најчиста форма се отсликуваат во џез-музиката.

- Во меките, сензуални балади, но и во динамичното „скет-дивеење“, Ди пее со импресивна вокална длабочина и експлозивна драматичност. Израсната во опкружување во кое најмногубројни биле плочите на Дајна Вашингтон, таа ги наведува Сара Вон и Ела Фицџералд како свои најголеми влијанија. Тука е и чикашкиот саксофонист Хенри Хаф, кој ја насочи на вистинскиот пат до совршенството во вокалната импровизација, наведува Скопски џез-фестивал.

Во својата кариера Ди Александер имала плодна соработка со џез-елитата на Чикаго: Ремзи Луис, Орберт Дејвис, Никол Мичел, Ернест Докинс и многу други. Нејзиниот албум „Wild Is The Wind” од 2009 година (посветен на Дајна Вашингтон, Нина Симон и Хенри Хаф) е оценет за нејзино најдобро остварување, а според многумина е едно од десетте најдобри изданија на џезот во првата декада на новиот милениум.

Пред настапот на Ди Александер во Македонската опера и балет  концерт ќе има и триото „Интерзоне“ на трубачот од Австрија Марио Ром. Во австрискиот бенд членуваат музичари под 30 години (Марио Ром, Лукас Кранцелбиндер и Херберт Пиркер), но за многу кратко време триото добило големо внимание низ светот.

- Групата со својата невообичаена инструментација (труба, бас и тапани) се покажа способна виртуозноста и хуморот да ги преточи во една забавна целина, оставајќи впечаток дека се четири, пет или повеќе музичари. Едно е јасно: Интерзоне свират џез. Сепак, нивно гесло е „сѐ е дозволено“. Медиумите ги опишуваат Интерзоне како „апсолутно откритие“ со „изненадувачки, ненадминлив темперамент“, ги најави Скопски џез-фестивал вечерашните изведувачи од Австрија кои оваа година го објавија својот трет албум „Truth Is Simple To Consume“.

На денешната програма е и еден од двата полноќни концерта на ова фестивалско издание - во Дансинг салата на Младинскиот културен центар ќе настапи музичарот од Нигерија Орландо Џулиус со британскиот бенд „Хелиоцентрикс“. Џулиус од 1960-тите ја популаризира афро-поп музиката и ги соединува традиционалните африкански звуци и ритми со оние на американскиот поп, соул и ритам и блуз.

Неговиот албум од 1966 година „Super Afro Soul“ од него направил национална ѕвезда во Нигерија и влијателен музичар дури и во САД.  Според некои, тој помогнал да се обликува фанк движењето што наредните години ги преплави САД.