Бизнис
17. August 2018 - 13:56

Девизниот прилив од туризмот годинава ќе изнесува 24 милијарди денари

Вкупно 26,5 проценти поголем девизен прилив оствари туризмот во првиот квартал годинава за разлика од истиот период лани. Очекувањата се дека 2018-та ќе заврши со прилив до 24 милијарди денари, посета на 1,2 милиона туристи и реализирани 3,2 милиона ноќевања.

Како што рече денеска директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски, идната година во фокусот на привлекувањето туристи, покрај Турција, Бугарија и Полска кои засега се најбројни, ќе бидат и Романија, Германија и Шпанија.  Постои интерес за воведување директна авиолинија Букурешт - Охрид, а се размислува и за обезбедување пет или десетдневни визи за кинеските туристи кои се многубројни во регионот.

Агенцијата сосема го менува концептот на промоција. Акцент става на он-лајн рекламирањето на кое отпаѓаат 70 отсто. Останатото рекламирање е преку класични медиуми.

Интернет страницата „Macedonia timeless“ ќе се ребрендира, најави директорот, и ќе добие најсовремен гугл пристап со брзо пребарување. Воедно ќе биде дополнета со 350 текстови и 500 фотогорафии.

- Агенцијата изработи Македонски туристички пасош во форма на брошура, дополнет со мобилна апликација во која може да се најдат корисни информации за туристичките потенцијали на Македонија. Лансираше и нова едиција водичи за поквалитетна промоција со која се опфатени регионите, манастирите, препознатливите производи, локалитетите, отоманските споменици, објектите и настаните во земјава, нагласи директорот.

Меѓу промотивните материјали е и брошурата за храната и виното во Македонија „Story telling” чија цел е изработка на гастрономски водич за македонската кујна преку искуства, локални специјалитети и промоција на традиционални рецепти. Се подготвува и генерална брошура „Македонија, неоткриено туристичко богатство”.

Осврнувајќи се на сработеното изминатиов период, Јаневски рече дека  продолжува проектот за развој на спортското качување и негово ставање во функција на туризмот кој предвидува нови и санација на постоечки тренинг-локации за качување на карпа со поставување околу 120 насоки. Агенцијата го подржа уредувањето на полетиштето за параглајдинг во Крушево, а е насочена и кон реализација на проектот за алпинистичко качување на Матка, Демир Капија, Лешница и Остра Карпа. 

Од областа на културниот туризам и активностите во природа, директорот информира дека во завршна фаза е проектот „Мапирање на патот Виа Игнација”. Мапиран е стариот римски пат со 13 инфо табли и пет миокази.

- Агенцијата и оваа година продолжи со финансиска поддршка на 21 манифестација со буџет од 1.000.000 денари. Целта е да се привлечат што повеќе гости преку зголемување на професионалноста во организирање на настаните, дополни Јаневски.

Тој не очекува укинувањето на некои од „Виз ер“ чартерите да се одрази врз туристичките резултати, а во врска со нехигиената и депониите низ Македонија, изрази надеж дека сите засегнати страни, посебно општините, ќе се насочат кон спроведување кампањи за подигнување на јавната свест.

Минатата година бројот на туристи беше речиси еден милион, а остварени се 2,8 милинои ноќевања. Позитивниот тренд продолжува и во 2018-та која во првите шест месеци бележи раст од 16 отсто и на бројот туристи и на бројот ноќевања.