Македонија
21. July 2021 - 17:37

Деветгодишниот Никола донираше матични клетки за спас на својата сестра

Јас сум денеска тука за да и го спасам животот на мојата сестра. Со овие зборови и со насмевка на лицето деветгодишниот Никола ги пречекал медицинските лица на Хематологија каде овој мал јунак донираше матични клетки за Ана Марија која боледува од акутна леукемија. Болеста и била дијагностицирана кон крајот на мај по што веднаш почнала потрагата по донор.  Никола не само што е инспирација за сите туку е и првото дете во Македонија кај кое се прави оваа процедура.

-Бидејќи Никола е мало дете кое сака да игра фудбал да се дружи сакавме да најдеме несроден дарител од светскиот регистар. Меѓутоа од тој список каде има преку 40 милиони несродни дарители ниту еден не соодветствуваше со Ана Марија и Никола и беше единствениот спас. Тој знае што прави. Јас верувам дека Ана Марија ќе биде излекувана, вели др. Ирина Пановска Ставридис, директор на Клиника за Хематологија

 Порано за овие интервенции семејствата одеа во странство бидејќи помлад од 14 години не можеше да донира матични клетки кај нас.  Никола го скрши мразот и процедурата поминала успешно без никакви последици по донорот.

-Тие клетки не се даваат веднаш, ќе ги чуваме на ниска температура и кога Ана Марија ќе биде во ремисија ќе биде направена трансплантацијата, вели др. Пановска Ставридис

Во тек е и едукација на медицински персонал за оваа процедура а резултатите од третманот со овие интервенции на хематологија се идентични со оние од европските центри за трансплантација.