Loading Video...
Балкан
26. November 2019 - 12:09

Девет загинати и над 350 повредени во земјотресот кој утрово ја погоди Албанија

Најмалку 9 луѓе загинаа, над 350 се повредени во силниот земјотрес во Драч, Албанија. Земјотресот со јачина од 6,4 степени според Рихтер се случи во 3:54, а освен во Албанија, земјотресот ги зафати и Македонија, Црна Гора и Грција.

Властите стравуваат дека голем број луѓе се уште се заробени под урнатините и оти смртоносниот биланс дополнително ќе се зголемува.

Аеродромот „Мајка Тереза“ во Тирана е затворен поради огромно оштетување на терминалот. Локалните медиуми јавуваат дека не работат ниту училиштата.

Албанските медиуми јавуваат дека земјотресот траел многу подолго од вообичаено.

На социјалните мрежи се појавуваат голем број видеа од спасувачките акции и штетите кои се причинети.

Една жртва, студентка, била во струшената зграда во Драч, а според албанските медиуми, под зградата има заробено уште најмалку две семејства. Една од жртвите настрадала откако во паника од земјотресот скокнала од балкон и починала на лице место.

Земјотресот во Драч ги обедини македонските политичари.

Премиерот Заев изјави дека веднаш била понудена помош. Според него, тимови за спасување веќе се испратени во Драч.

Скопскиот градоначалник, Шилегов информираше дека ќе биде испратена екипа во Албанија за помош на граѓаните.

-На утрешната седница на Советот на Град Скопје, ќе побарам Советот да донесе одлука за доделување на помош на настраданите во катастофалниот земјотрес во Драч, Албанија. Имајќи во предвид дека за оваа одлука веќе се координирав со советничките групи во Советот, очекувам дека одлуката ќе биде едногласно донесена. Скопје е град на хуманитарноста. Да помогнеме кога на другите им е потребна помош, напиша Шилегов на Фејсбук.

Се огласи и премиерот Заев на Твитер.

-Земјотресот кој го почувствувавме и ние, ги насочи мислите кон нашите соседи. Најискрено сочувствуваме со најблиските на жртвите, и се надеваме на брзо закрепнување од последиците. Од утрово сме во комуникација со институциите на Албанија и сме подготвени да ја пружиме сета неопходна помош и поддршка, напиша Заев.

Министерот Димитров исто така му понудил помош на албанскиот колега.

-Нашите мисли се со албанските соседи и пријатели. Длабоко сум тажен што ги слушам за загубата на живот во земјотресот во Албанија кој се случи утринава. Подготвени сме да помогнеме. Моите мисли се со луѓето од Албанија, напиша Димитров.

Европската унија, но и лидерите од регионот изразуваа жалење за жртвите и нудат помош. Шефот на грчката дипломатија, Никос Дендиас по денешната посета на Скопје, вонредно ќе замине за Тирана, поради земјотресот. Грција ќе обезбеди помош за соседната земја, напиша Дендиас на „Твитер“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ упати писмо со сочувство до претседателот и премиерот на Република Албанија, Илир Мета и Еди Рама и понуди помош.

Во серијата потреси на Балканскиот полуостров, Земјотрес со јачина од 5,8 степени по Рихтер ја погоди и Босна и Херцеговина.