Македонија
28. March 2018 - 8:36

Девет сообраќајки во Скопје, пешак и мотоциклист тешко повредени

Со тешки телесни повреди се здобиле пешак и возач на мотоцикл во две од вкупно девет сообраќајки случени во текот на изминатиот ден на подрачјето на СВР Скопје. Во пет сообраќајки со полесни повреди се здобиле седум лица, а во две била причинета материјална штета.

Од МВР информираат дека вчера сообраќајната полиција открила и санкционирала поголем број прекршоци. Триесет и еден возач се движеле со брзина поголема од дозволената, пет возачи поминале на крстосница на црвено светло, тројца возачи не дале првенство на минување на пешаци на обележан пешачки премин и четири возачи  за неправилно престигнување. Санкциониран бил и еден пешак кој поминал коловоз вон пешачки премин.

Од сообраќај биле исклучени еден возач кој  го управувал возилото под дејство на алкохол, 13 возачи пред да се стекнат со право на управување на моторно возило и еден возач почетник, како и едно техничко неисправно возило и 14 нерегистрирани возила.  Затекнати биле 91 непрописно паркирани возила.

Со помош на  специјалното возило пајак, отстранети биле 80 возила.

Одделението за превенција при СВР Скопје денеска во рамките на сообраќајно воспитниот проект „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“ ќе реализира едукативна работилница со учениците од четврто одделение во ООУ „Војдан Чернодрински“ кое се наоѓа на подрачјето на општина Карпош.