Македонија
14. July 2017 - 9:01

Девет сообраќајки во Скопје, едно лице загинало

Во текот на вчерашниот ден на подрачјето на СВР Скопје биле случени девет сообраќајни незгоди, во една од нив едно лице загинало.

Едно лице загинало во сообраќајна незгода на крстосницата од регионалниот пат Скопје - Куманово и локалниот пат кој води кон село Брњарци во која учествувало патничко моторно возило „БМВ“ со скопски регистарски таблици, управувано од жител на Арачиново. Возачот изгубил контрола над управувачот на возилото, возилото излегло лево надвор од коловозот, удрило во бетонски жардиниери и при тоа се превртело надвор од коловозот. Во несреќата еден сопатник им подлегнал на повредите на пат кон болница, а возачот и уште еден сопатник се здобиле со телесни повреди.

Во една незгода со тешки телесни повреди се здобил велосипедист, а во пет со полесни повреди се здобиле пет лица. Во три била причинета само материјална штета.

Во текот на вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција откриени се поголем број на прекршоци. Санкционирани се 28 возачи кои се движеле со брзина поголема од дозволената, шест возачи поминале на црвено светло на семафор, 11 возачи за време на управување на возилото не го користеле сигурносниот појас или го користеле мобилниот телефон, како и 19 возачи кои го управувале возилото без возачка дозвола, односно нерегистрирано. Затекнати се 53 непрописно паркирани возила.

Санкционирани се и осум возачи на велосипед со мотор, мопед и мотоцикл кои за време на возењето на пат не го носеле заштитниот шлем на глава.

Со специјалното возило „пајак“ отстранети се вкупно 64 возила.