Македонија
4. May 2017 - 9:06

Девет сообраќајки вчера во Скопје, повредени осум лица

Осум лица се полесно повредени во пет од вкупно деветте евидентирани сообраќајки на подрачјето на СВР Скопје во изминатите 24 часа. Во четири од несреќите е причинета само материјална штета. 

Како што информира денеска МВР, во текот на изминатиот ден се откриени поголем број прекршоци и се санкционирани двајца возачи кои не отстапиле првенство на минување на возила во зона на крстосница, 13 кои биле без возачка дозвола, односно со нерегистриран автомобил, осум кои при возење користеле мобилен телефон, како и 54 за непрописно паркирани возила.

Со помош на специјалното возило „пајак“ отстранети се 73 возилa.

Како дел од сообраќајно-воспитната акција  „Да ги заштитиме децата во сообраќајот”, Одделението за превенција денеска ќе реализира едукативни работилници со ученици од второ одделение во ПОУ„Кирил Пејчиновиќ“ во општина „Кисела Вода“.

Во спортскиот центар „Борис Трајковски“ вечер во 20 часот во рамки на квалификациите за Европското првенство ќе се одигра меѓународен ракометен натпревар помеѓу репрезентациите на Македонија и Исланд.

За непречено и безбедно одвивање на оваа спортска манифестација, МВР најавува дека ќе бидат превземени соодветни мерки за сообраќајно обезбедување и пренасочување на сообраќајот.