Фудбал
11. October 2017 - 17:41

Девет празни места за Мундијалот во Русија

Вкупно 23 репрезентации досега имаат изборено пласман на Светското првенство што следната година од 14.јуни до 15.јули ќе се одржи во Русија. За другите девет слободни места ќе бидат одиграни четири бараж дуели во европската зона, како и два интерконтинентални баражи и последното коло по групи од африканската зона.

Осум европски селекции ќе одиграат бараж дуели, а тоа го изборија второпласираните селекции во групите со исклучок на Словачка. Двојките за баражите ќе бидат извлечени на 17.октомври во Цирих, а ден претходно ФИФА ќе ги подели осумте репрезентации во два шешира. Пласман во баражот обезбедија: Хрватска, Данска, Грција, Италија, Северна Ирска, Република Ирска, Шведска и Швајцарија.

Во двата интерконтинентални бараж дуели ќе играат: Нов Зеланд (победник на зоната Океанија) против Перу (петтопласирана селекција од Јужна Америка) и Хондурас (четвртопласирана селекција од КОНКАКАФ зона) и Австралија (победник на азискиот бараж).

Трите преостанати места ќе се поплнат со трите првопласирани селекции од групите од африканската зона.

Бараж натпреварите ќе се играат во периодот од 6 до 14.ноември.

Пласман на Мундијалот имаат обезбедено: Русија (домаќин), Бразил, Уругвај, Аргентина, Колумбија (Јужна Америка), Иран, Јапонија, Јужна Кореја, Саудиска Арабија (Азија), Мексико, Костарика, Панама (КОНКАКАФ), Белгија, Германија, Англија, Шпанија, Франција, Полска, Исланд, Србија, Португалија (Европа), Нигерија и Египет (Африка).