Спорт плус
6. September 2016 - 13:42

Девет кандидати за наградата 8.септември

До одборот за доделување на наградите „8 Септември“ пристиганти се девет апликации за наградата за животно дело и пет за годишната награда „8 Септември“, соопштено е на денешната прес-конференција во просториите на Агенцијата за млади и спорт (АМС).
 
Оваа година по повод Денот на независноста на Република Македонија 8 Септември по петти пат ќе бидат доделени награди на спортисти и спортски работници кои оставиле белег во македонскиот спорт.
 
- Иницијативата на Агенцијата за млади и спорт беше воведена во државата, а со која дефинитивно се заокружува системот за валоризација на спортските успеси во Република Македонија. АМС посветено работеше и заедно со јавноста успеавме да издејствуваме спортистите и спортските работници да добијат вакво високо државно признание, со што се валоризира вредноста на спортот како дел од секојдневното живеење, но и се оддава признание на спортистите, тренерите  и спортските работници кои придонеле за унапредување и развој на спортот како и за афирмација и промоција на Република Македонија во европски и светски рамки, а се доделува на денот на Независноста на Република Македонија, изјави директорот на АМС Марјан Спасески.
 
Со  државната награда “8-ми септември“ се обезбеди и вреднување на луѓето во сенка, кои не се помалку значајни за постигнување на врвни спортски резултати. Тоа се  спортските работници, тренерите, селекторите и медицинскиот персонал на кои им се оддава признание, при што и материјално се поддржуваат со право на користење доживотен паричен надоместок добитниците за животно дело.
 
- Државната награда за животно дело претставува спортска пензија која ќе му се исплаќа на носителот до крајот на животот, додека останатите четири државни признанија претставуваат еднократна исплата во износ на десет просечни плати во Република Македонија, додаде Спасески.
 
Претседателот на одборот за доделување на наградите, Ѓорѓе Војновиќ истакна дека со оглед на пристигнатите апликации одборот имал сериозна задача да ги одберат најдобрите во две категории: државна награда за животно дело и четири државни награди - признанија.
 
Кандидати за наградата „Животно дело“ се: Стеван Гешовски (кошарка), Зоран Бошковски (фудбал), Венцислав Недев (традиционално карате), Владимир Радиќ (ракомет), Крсто Серафимовски (атлетика) Иван Кочовски (шах), Маријанчо Соколовски (пливање), Ристо Дарлев (борење) и Андон Дончевски (фудбал).
 
За годишната награда конкурираа: Агим Ејупи (борење), Фоти Јатовски (борење), Добре Маринков (борење), Сашко Поповски (ватерполо) и Назми Али (борење).
 
Професорот Зоран Радиќ кој е член на одборот за доделување на наградите, истакна дека се прават напори за валоризирање на успесите во спортските екипни спортови во кои остварувањето на врвни резултати на континенталните натпревари е многу потешко за разлика од екипните спортови.
 
Одборот својата одлука за добитниците на наградите ќе ја соопшти на Свечената церемонија на 8 септември во Собранието на Република Македонија