Балкан
21. January 2016 - 12:45

Девет години затвор за Оливер Ивановиќ

Лидерот на Граѓанската иницијатива СДП Оливер Ивановиќ е прогласен за виновен за воени злосторства пред судот во Косовска Митровица и е осуден на девет години затвор, јави Танјуг.

Ивановиќ е обвинет за кривичното дело воено злосторство извршено врз цивили во текот на 1999 и 2000 година.

Со обвинението се опфатени и пензионираниот полковник Драгољуб Делибашиќ, адвокатот Илија Вујачиќ, правникот Небојша Вујачиќ и професорот Александар Лазовиќ, кои се обвинети за убиство и обид за убиство.

Сите петмина на почетокот на судењето се изјаснија оти не се виновни.

Ивановиќ е уапсен во јануари 2014, а судењето пред Основниот суд во Косовска Митровица, почна речиси една година подоцна, на 18 декември. Помина 20 месеци во притвор, пред да биде префрлен во домашен притвор во септември 2015 година.

Во домашен притвор е и Делибашиќ, додека останатите тројца Срби пресудата ја чекаа бранејќи се од слобода.

Вкупно 81 сведок е сослушан во судскиот процес што траеше повеќе од една година.

Со Меѓународниот судски совет на Основниот суд во Косовска Митровица претседава судијата од Романија Роксана Комша.