Деведесетина вработени во училиштата и градинките од Прилеп од Нова година останаа без работа | Сител Телевизија
Бизнис
16. March 2018 - 19:38

Деведесетина вработени во училиштата и градинките од Прилеп од Нова година останаа без работа

Околу 90-тина наставници во средните и основни училишта, како и вработени во детската градинка „Наша иднина“ од Прилеп, на кои им завршил договорот за работа на 31.12. денеска заедно со претседателот на СОНК излегоа на мирен протест пред Општина Прилеп. Обвинуваат дека иако ги исполнувале сите критериуми, сепак на нивно место бил примен несоодветен кадар.

„Се примаат вработени кои што не ги исполнуваат условите кои се распишани на конкурси согласно закон, се примаат колеги наши кои што немаат положено стручен испит“, изјави Јаким Неделков, претседател на СОНК.

Од СОНК бараат итна средба со градоначалникот Илија Јованоски, кој денеска не ги примил со образложение дека имал други обврски. Од Општина Прилеп пак писмено соопштија дека градоначалникот немал ингеренции да одлучува за кадровските решенија во училиштата и градинките, велат дека поранешните вработени одговор требале да побараат во установите каде работеле.

Поранешните вработени во детската градинка обвинуваат дека иако имало решение од министерката Мила Царовска за да им се продолжат договорите прво до 28.02, а потоа да добијат на неопределено време, тоа не било испочитувано.

„Лидерката на Конференцијата на европските синдикати, Сузан Фолкен, која што не поддржа за ова, постојано сме во контакт со неа и таа и денеска за овој протест ни даде поддршка и ни рече дека ако не најдеме согласност помеѓу двете страни, значи локаланата самоуправа и градоначалникот Илија и ние, дека таа ќе ги превземи сите нејзини мерки“, вели Татјана Камческа, поранешна воспитувачка во градинките „Наша Иднина“.

Поранешните вработени обвинуваат за политичка дискриминација и оставање неправедно на улица после години на работен стаж.

„На 31.12. добив отказно решение, после 5 години и 9 месеци работа на место, со прекин, што мислам дека ги исполнував сите законски основи да ми биди трансформирано работното место“, кажа Љупчо Смилески, поранешен благајник во ООУ „Кочо Рацин“.

Од СОНК се заканија дека доколку не се реши за брзо проблемот правдата ќе ја бараат на суд.