Македонија
20. September 2019 - 10:42

Детскиот фолклорен фестивал „Оро без граници“ – симбол на пријателство меѓу децата

ЈУ Детскиот културен центар – „Карпош “ од 19 до 22 овој месец по 28-ми го организира Меѓународниот детски фолклорен фестивал „Оро без граници“ 2019 – симбол на пријателство меѓу децата.

Пред централниот настан, сите гости тргнувајќи од ДКЦ – „Карпош“ го почнуваат фестивалското дефиле, кое завршува на плоштад „Македонија“.

– Централниот настан ќе се одржи на 21 септември на плоштадот „Македонија“ со почеток од 18:30 часот, а фестивалот официјално ќе биде отворен од директорката на ДКЦ „Карпош“ Билјана Лалчевска Серафимовска. Фестивалот ќе почне со најпознатите македонски игри и ора кои ќе ги изведат членовите на играорната секција од ДКЦ „Карпош“, соопштуваат од прес-службата на ДКЦ „Карпош“.

Во досегашното одржување на овој фестивал, Градот Скопје и Република Северна Македонија биле домаќини на повеќе илјади странски и исто толку домашни деца-фолклорци. На фестивалот се поканети гости од Србија-Јагодина, Грција, Словачка и Турција, а покрај гостите од странство ќе учествуваат и македонски ансамбли.

– Децата играорци преку шаренолкоста на костимите и оригиналноста во кореографските движења ќе ја претстават традицијата и културата на својата земја и по 28-ми пат ќе формираат едно големо „Оро без граници“, се вели во соопштението.

Покрај официјалниот дел, на гостите ќе им бидат претставени атрактивни локации во Градот Скопје: Зоолошката градина, Музејот на илузии, Старата Скопска Чаршија и знаменитостите на Скопје.