Македонија
13. July 2018 - 9:35

Детски перформанс „Добро утро Битола - заборавените кукли“ на „БитФест“

Претпладнево на отворено, во 10 часот пред градскиот часовник во Битола, актерите од Битолскиот театар Маја Андоновска-Илијевски, Илина Чоревска и Викторија Степановска -Jанкуловска, во рамки на летниот фестивал „БитФест“ ќе изведат детски перформанс „Добро утро Битола – заборавените кукли“.

Од „БитФест“ информираат дека станува збор за серијал од три дена со три мали претстави во кои настапуваат три актерки и кои за најмладата публика ќе овозможат незаборавни перформанси на тема „Добро утро“, „Добар ден“ и „Добра ноќ во Битола“, за кои текстот го напиша драматургот Билјана Крајчевска.

Според сценариото на перформансот, актерките ќе раскажат три приказни за другарувањето, детската игра и доживувањата на Широк сокак, со акцент дека најубавите спомени се врзуваат со детската игра, а не пред компјутер или со телефон в рака. Втората претстава за деца ќе се одигра во Градски парк, а третата пред објектот на Центарот за култура-Битола. 

Во рамки на „БитФест“ вечер во битолската Магаза ќе биде промовирана книгата „Нашето националистичко пијанство“ од авторот Александар Литовски.

Промотивниот настан го организираат локалната самоуправа и општинскиот Одбор на Сојуз на борци-Битола.