Македонија
16. October 2018 - 12:58

Детската клиника доби донација од постелнини

Донација од постелнини во вредност од 212 илјади денари доби денеска Клиниката за детски болести.

Средствата се обезбедени на тој начин што за секоја трансакција со Американ Експрес картичките на Силк Роуд банката, таа одвојува по пет денари за потребите на Клиниката. Станува збор за прва од серијата предвидени донации за Клиниката.

Директорката на Клиниката, Катерина Ставриќ на примопредавањето на донацијата се заблагодари за постелнините и рече дека на овој начин ќе ги подобрат условите за престој на децата.

- Сакаме да ги разубавиме условите каде престојуваат децата, да не бидат болнички услови, туку да биде шарено, разиграно, тие да се чувствуваат како дома и полесно да го поминат престојот. Се надевам дека и натаму ќе има нови донации, додаде Ставриќ.

Претседателот на Управниот одбор на банката, Ролф Шнебели рече дека за оваа намена пред неколку месеци потпишале меморандум за соработка со Клиниката. 

- Многу сме среќни што соработуваме со Клиниката и се радуваме на сите нови донации, додаде Шнебели.

Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека деновиве имале интензивни состаноци со раководството на Детската клиника и со шефовите на одделите заради тоа што има проблеми со кои се соочува оваа јавна здравствена установа, а пред се тоа се однесува на недостигот на кадар.

- Затоа планираме нови приеми и покрај големиот број медицински сестри кои веќе се примија на Клиниката и инвестираме во нивна едукација. При крај е и собата за родители каде ќе бидат сместени сите родители од внатрешноста, чии деца се лекуваат. Тие во овој момент нема каде да се сместат, а нивните деца се лекуваат од малигни заболувања, потенцира Филипче.

Тој нагласи дека идната година се планира изградба на Центар за палијативна нега на деца во рамки на Институтот за белодобни заболувања кај децата-Козле. 

- Откако Законот за здравствено осигурување ќе помине во Собрание, при каде ќе се смени начинот на имплементирање лекови на позитивната листа, еден од приоритетите ќе бидат скапите онколошки лекови за возрасни и деца болни од малигни заболувања. Ќе продолжиме и натаму да ја поддржуваме Детската клиника, додаде Филипче.