Македонија
21. April 2017 - 8:45

Детската филмска програма „Креираме заедно“

Во рамки на „Скопје филм фестивал“ вечерва во 19:30 часот во „Кинотеката на Македонија“ ќе започне новата инклузивна Детската филмска програма „Креираме заедно“. 

Фестивалот во партнерство со Здружението за поддршка на деца и млади со различности „Сината птица“ од Скопје, годинава, преку програмата „Креираме заедно“, по прв пат во конципирањето на фестивалската програма ги вклучува и учениците со и без попреченост од осум инклузивни училишта од Скопје, Тетово и Струмица.

Проектот се имплементира со поддршка од Европската Унија, како дел од програмата „Заштита на децата од насилство и унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост во Западен Балкан и Турција“, а е кофинансиран и спроведен од страна на УНИЦЕФ.

Вечер во „Кинотеката на Македонија“ ќе бидат прикажани завршните продукти од работилниците за фотографија, видео запис и плакат за детската програма. Во фоајето на „Кинотеката ќе бидат изложени фотографиите и цртежите што ги изработија учениците, а по свеченото отворање, ќе бидат прикажани нивните видео записи и дел од филмската програма.

Проектот „Креираме задено“ се имплементираше во инклузивни училишта во Скопје, Тетово и Струмица каде беа одржани работилници за фотографија, видео запис и работилница за плакат, како и обуки за детски права. Во нив учествуваа вкупно 86 ученици на возраст од 9 до 14 години кои во духот на самозастапување, преку визуелни алатки, говореа за себе и својот свет.

Работилниците ги водеа уметниците: Ване Костуранов (плакат), Наташа Гелевска (фотографија) и Јане Алтипармаков (видеозапис).

Детската филмска програма на „Скопје филм фестивал“, ќе понуди осум куси детски филмови кои уриваат редица табуа и стереотипи за луѓето со попреченост и отвараат теми за размислување.

Филмовите се синхронизирани на македонски јазик и се со адаптиран превод за лицата со оштетен слух.

По филмската програма ќе следи дебата на тема „Креативноста- прозорец кон светот на различностите“.

Програмата „Креираме заедно“ ќе продолжи и утревечер во Кинотеката. Влезот за двете вечери е слободен.