Кошарка
25. November 2017 - 11:06

Детроит подобар од Оклахома во дербито на ноќта на НБА лигата

Екипата на Детроит славеше победа над Оклахома во дербито на вечерта во НБА лигата. Популарните „Пистонси“ на гостински терен ги совладаа „Тандерс“ минимално со 99-98.
 
Иако домашниот тим тричетвртини имаше постојано предност, а најголемата изнесуваше и 15 поени разлика, сепак гостите во последниот период влегоа со поен негатива. Завршните дванаесет минути се играше израмнето, а на крајот Оклахома имаше напад за победа, но обидот за три на Расел Вестбрук на секунда до крајот не ја погоди целта. Вестрбук средбата ја заврши со трипл-дабл од 27 поени и по 11 скокови и асистенции, но тоа не му помогна на неговиот тим да го избегне десетиот пораз. Во победата на Детроит шестмина играчи средбата ја завршија со двоцифрен број на поени, а најмногу 17 имаше Андре Драмон, кој  придодаде и 14 скокови. 
 
 
 
Детроит со „скор“ од 12 победи и 6 порази е на второто место во Источната конференција зад Бостон (17-3), кој синоќа го совлада Орландо со 118:103, а најефикасен беше Кајри Ирвинг со 30 поени.
 
И минатогодишните финалисти, Голден Стејт и Кливленд остварија победи. 
 
Шампионот Голден Стејт ја оствари 14-тата победа сезонава, откако убедливо со 143-97 го совлада Чикаго. Стеф Кари со 33 и Клеј Томпсон со 29 поени беа најефикасни во победничката екипа. 
 
Леброн Џејмс со „трипл-дабл“ од 27 поени, 16 скока и 12 асистенции го предводеше Кливленд во тешко остварениот триумфот на домашен терен против Шарлот со 100:99. Поддршка за Џејмс беше Кевин Лав со „дабл-дабл“ од 11 поени и 13 скока. На другата страна Двај Хауард се истакна со 20 поени и 13 скока и влезе во листата на играчи со најмногу дефанзивни скокови во историјата на НБА лигата.