Македонија
22. January 2023 - 16:18

Детектор анализа: Како граѓаните и компаниите се справуваат со поскапените енергенси?

За Семејството Јовчевски од Куманово веќе 8 години пелетите се главен енергенс. Вложиле околу 20.000 евра за да го постават целиот систем. Но верувале дека инвестицијата ќе им се врати и преку пониски трошоци и преку почист воздух. Но оваа година, греењето ги чини повеќе од двојно поскапо од лани.

-По сезона во просек трошевме помеѓу 800 и 1.000 евра, но да се разбереме, ние грееме цел спрат и имаме исто така бојлер од 200 литри што е поврзан на системот. А сега, тоа нема не кошта толку, во најдобра рака околу 2.000 – 2.500 евра грееше со иста квадратура со исто користење, вели Горан Јовчевски, долгогодишен корисник на пелети. 

Ако минатата грејна сезона една вреќа чинеше помеѓу 180 и 240 денари, сезонава за истата таа вреќа граѓаните плаќаа помеѓу 500 и 600 денари. 

-За наша среќа имавме залиха од минатата година, инаку ќе бевме во многу лоша позиција. Еден период можеби би биле без греење едно месец дена, ако немавме залиха, вели Јовчевски.

Владата ги замрзна цените на пелетите на 2ри ноемри, но оваа одлука дојде предоцна кога ценaта веќе беше превисока, иако прогнозите беа јасни многу порано..уште со стартот на руско-украинската криза..

По ударот од Ковид-пандемијата, компаниите ги нокаутираше оваа криза која најпрво удри по нив, а потоа и по грaѓаните кои ги купуваат поскапените производи..

Без мерки и помош од државата, компаниите летото добиваа по пет-шест пати повисоки сметки за струја.

-Во јули месец 2021 имам цена од околу 360.000 денари, а во јули месец 2022 година 1.850.000 денари. Тоа е некаде од околу 600 проценти покачување на електричната енергија, вели Горан Георгиевски, директор на пекарата „Специјал“. 

Владата интервенираше и за ваквите предизвици на прехранбениот сектор- но пониските сметки им стасаа дури за декемвриската потрошувачка.. Со месеци производителите на храна се бореа и со петкратно поскапата струја и со драматчино зголемеnата цена на суровините..

-Имаме покачување на основните суровини, подразбирам брашно, млеко, млечни производи, месни производи, маргарини, масти итн. за 98,7 проценти. Тие цени се суштинскиот елемент којшто влијае во цената на финалниот производ. Ние дури сметаме дека дадените цени на прехранбените производи не се толку покачени колку што пораснаа влезните импути, вели Герасимовски.

Но кризата не е ниту блиску до крајот- сите прогнози предупредуваат дека и следната сезона ќе биде тешка како оваа. Светот гледа излез во стратегиите за користење на обновливите извори на енергија- особено сонцето. Македонија со 280 сончеви денови и 1.500 сончеви саати полека станува Елдорадо за компаниите кои сакаат да инвестираат во фотоволтаични централи. Минатата година, РКЕ издала 267 дозволи за производство на зелена енергија, главно за фотоволтаици. Вкупниот инсталиран капацитет на овие капацитети изнесува 152 mW, а очекувањата се дека годинава овој тренд дополнително ќе расте.

Но дали овие системи се исплатливи за индивидуалните домаќинства? 

Ненад Петрески поставил сончеви панели со моќност од 15kW, инвестиција која го чинела 15.000 евра. Иако му било кажано дека инвестицијата ќе ја врати за 13 до 15 години, сега не знае кога и дали воопшто тоа ќе се случи. 

Вели, недостасува транспарентност и професионалност кај компаниите кои поставуваат фотоволтаици, бидејќи никој не му ги предочил недостатоците на системот, но оти на неколку години потребно е да се прават ремонти. 

-Самиот систем, максималната излезност ако е 15kW он нема да направи повеќе од 12kW. Го немате тој систем кој ви е потребен да одржите квалитетен напон. Кога немате квалитетен напон не можете да ги користите правилно апаратите за домаќинство. Значи, замена на фотоволтаичниот систем со системот на ЕВН во моментов е само трик, не е вистина, вели Петрески.

Вели, во развиените земји системот е поставен поинаку од кај нас и тоа мора му се објасни на секој кој ќе се одлучи да постави фотоволтаици.

-На Запад имате гасификација која претежно домаќинствата ја користат и за греење и за ладење и во кујната за користење на апаратите за домаќинства. Фактични користењето на електричната енергија отпаѓа само на неколку апарати во домаќинството. Тоа се фрижидерите, феновите, микровалните печки и осветлувањето. Таму, побарувачката на енергија е сведена на минимум и ваквиот систем, таа побарувачка која е сведена на минимум може да му ја дозволи на семејството како замена, појаснува Петрески. 

Сите наши соговорници имаа предлози за тоа како државата може да им олесни во справувањето со енергетската криза.

- Не треба нас ништо да ни даваат, ни пари, ни ништо, туку само да интервенираат на пазарот и да ги ограничат и давачките и сите тие работи за да може луѓето да живеат и да се греат нормално. 

-Добра мерка би била соодветно влегување на стокови резерви коишто како такви би се инјектирале во бизнисите по соодветно ниски цени.

- Алтернативните системи се добри. Меѓутоа, бараат сериозен пристап од страна на државата. Кај нас сериозноста во пристапот е е оставен на фирмите кои тоа го снабдуваат.

-„Први во регионот насочивме 5% од буџетот кон антикризни мерки“ „Навремено го донесовме најголемиот пакет антикризни мерки во регионот од над 760 милиони евра“ „Ја спасивме економијата и обезбедивме храна и струја“

Ова се само дел од насловите кои ги читавме лани, кога премиерот Ковачевски говореше за антикризните мерки. Иако двата пакети од вкупно 35 мерки беа вредни 760 милиони евра, нашата теренска анализа сепак покажува дека тоа не е доволно, па граѓаните и компаниите сѐ уште имаат потешкотии за да се справат со енергетската криза.

За оваа година, државата издвои 225 милиони евра за антикризни мерки или два пати помалку од лани.