Свет
8. January 2020 - 13:37

Дете „слеп патник“ пронајдено мртво во Париз: Телото го нашле во трупот на авион кој слетал од Африка

Тело на дете на возраст од десетина години пронајдено е утрово во трупот на авион на „Ер Франс“ кој долетал од Африка, јави агенцијата АФП.

„Боингот 777“ полета во вторникот вечер од Абиџан, од Брегот на Слоновата коска и утрово пред зори слета во Париз.

Во соопштението, авиокомпанијата ја потврди смртта на „слепиот патник“ и изрази „жалење поради човечката драма“.

Телото е пронајдено во просторот за тркалата, изјавија извори блиски до истрагата.

„Покрај човечка трагедија, ова упатува на големо кршење на прописите за безбедноста на аеродромот во Абиџан“, рече безбедносен извор за АФП, прашувајќи како десетгодишно дете може да дојде до авионот на писта, и дали имало соучесници.

Последните години се најдени неколку мртви „слепи патници“, вклучувајќи тинејџери од Африка, кои умреле од студ или биле здробени од опремата на авионот за слетување.

Температурата во подвозјето на авионот паѓа на минус 50 степени Целзиусови, додека лета на височина од 9.000 и 10.000 метри. Просторот за опремата за слетување не се загрева, ниту па таму има воздухот под притисок што би можел да се дише.