Македонија
5. јуни 2018 - 19:24

Детални лабораториски анализи во осум центри во Македонија

Анализи на крв во иднина ќе прават само во осум централни лаборатории во државата. Две од нив ќе бидат во Скопје и тоа во Клиничка биохемија и ГОБ 8-ми септември.

Во останатите здравствени установи само ќе земаат крв која ќе ја транспортираат до главните лаборатории.

За итни случаи ќе има мини анализатори во болниците и ургентните центри. Министерот за здравство  ќе ги централизира лабораториите и со тендер за набавка на реагенси очекува бесплатни апарати и нивно бесплатно сервисирање.

Според Филипче, со овој проект нема да биде загрозено здравјето на пациентите и нема да патуваат од еден во друг град за проверка на крвта.

-Пациентите нема да бидат оштетени, нема загриженост од губење на работни места во лабораториите. За детската болница Козле разџговаравме и таму ќе има лабораторија за итни случаи а за останатите ќе се транспортира до Биохемија или осми септември, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Филипче го правда проектот поради досегашното нерационално трошење пари за реагенси од кои голем дел ги фрлале во лабораториите. Очекува заштеда и намалување на досегашниот број на апарати од 300 на 120. На сегашните анализатори министерот вели дека им поминува рокот, но не кажа дали ќе завршат на отпад.