Македонија
21. March 2016 - 14:30

Десковска: ВМРО-ДПМНЕ ја оневозможува работата на СЈО

Пратеничката и член на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците од СДСМ, Ренета Десковска на денешната прес-конференција го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека ја оневозможува работата на Специјалното јавно обвинителство.

- Од моментот на формирање на Специјалното јавно обвинителство ВМРО-ДПМНЕ прави се работата на оваа нова независна институција да биде во целост опструирана и оневозможена, со цел да избега од одговорноста, рече Десковска.

Очигледно е, додаде таа, дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера да дебатира по извештајот на Специјалното јавно обвинителство. 

- Потврда за тоа е и досегашната пракса на ВМРО-ДПМНЕ, согласно која извештаите од јавните обвинители никогаш не се разгледувани во изминативе години, рече Десковска.

Во контекст на тоа додаде дека се разгледувани само извештаите на Советот на јавни обвинители, но не и на Јавниот обвинител на Република Македонија.

- Значи при исти законски обврски на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски да доставуваат извештај за својата работа во Собранието,  Ѓорчев за денеска закажа седница за Извештајот на СЈО, а се уште нема закажано седница за Извештајот на Зврлевски, рече Десковска.

Ставот на СДСМ, како што истакна таа, е дека за двата извештаи оваа Комисија и Собранието треба да расправаат.