Македонија
3. November 2017 - 9:31

Дескоска учествуваше на панел-дискусија „Науката како двигател на економскиот развој”

 

Во рамки на регионалната економска конференција во Будва - „Економска конференција на Црна Гора 2017 - Предизвици на патот кон Европската унија“, министерката за образование и наука Рената Дескоска учествуваше на панел-дискусија „Науката како двигател на економскиот развој”.

Министерката, како што соопштува МОН, истакнала дека за да се поттикнува и унапредува технолошкиот напредок, земјите во развој треба да инвестираат во квалитетно образование за млади, како и континуирана обука за работната сила.

- Министерството за образование и наука на Република Македонија активно ја поддржува определбата дека најголемата инвестиција е образованието на младите генерации, а преку стимулирањето на нивната научна креативност како држава ќе создадеме млад научен потенцијал, кој преку своите истражувања и сознанија ќе дадат импулс во позитивна насока во сите сфери во општеството и државата. Креирањето на соодветни политики и преземањето мерки за развој на науката како и поголемо инвестирање во науката се основна задача на нашето министерство,  истакнала Дескоска.

На панелот министерката потенцирала дека МОН во наредниот период ќе спроведе поголем број мерки и активности со цел да се подигне квалитетот на образованието на сите нивоа.

- Креирањето соодветни политики и преземањето  мерки за развој на науката, како и поголемо инвестирање во науката, се основна задача на нашето министерство. Владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука и покрај сложената финансиска состојба сметаат дека вложувањата во науката и научните истражувања треба да се зголемуваат во континуитет, истакнала Дескоска на панел-дискусијата во Будва во рамки на економската конференција.