Македонија
19. October 2018 - 17:09

Дескоска: Позитивно мислење за измените на законите за судски совет и за судови, потребни се натамошни измени и дополнувања

Министерката за правда Рената Дескоска денеска и утре во Венеција учествува на 116. Пленарна сесија на Европската комисија за демократија преку правото (Венецијанска комисија).

Дескоска се сретна со членовите на Венецијанската комисија и се обрати на Пленарната сесија на која  е разгледано и усвоено мислењето на Венецијанската комисија за Законот за изменување и дополнување на законите за судскиот совет и за судовите, соопшти Министерството за правда.

 

Според мислењето на Венецијанската комисија, кое е неодамна доставено до Министерството за правда, последните измени и дополнувања на законите за судски совет и за судови се оценети позитивно, но се укажува и на потребата од понатамошно подобрување на текстовите на законите. Во ова мислење е наведено дека новите институционални аранжмани и процедурални правила се поедноставени и упростени и ја заштитуваат судската независност.

Во мислењето, истакнато е дека двата закони поставуваат цврсти темели за добро функционирање на судството. Воедно, се препорачува и дополнително изменување и дополнување на законите со цел нивно појаснување, па во таа насока Венецијанската комисија препорачува во Законот за Судски совет да се наведе кој ја има функцијата на филтрирање во новиот систем за дисциплински постапки, треба да се допрецизира дисциплинската постапка и постапката за одговорност на судиите, треба да се прецизира разликата направена меѓу нестручно и несовесно вршење на судиската функција и тоа што претставува сериозен дисциплински престап. Законот мора да нагласи дека разрешувањето на судија за професионална грешка е можно само ако се исполнат два предуслови: вината на засегнатиот судија (водејќи сметка за намерата на дејствието или очигледноста на небрежноста) и тежината на грешката и нејзините последици, посочуваат од Министерството за правда.

Венецијанска комисија препорачала и укинување на основот за разрешување на судиите доколку се утврди повреда на Европската конвенција за човековите права. Министерката Дескоска изразила подготвеност на Владата за имплементација на сите препораки на Венецијанската комисија за подобрување на законските текстови и укажала на потребата од 2/3 мнозинство во Собранието за усвојување на понатамошните измени на Законот за судови.