Македонија
4. јуни 2018 - 17:10

Дескоска и Царовска без конкретен став по барањето на Гордана Јанкуловска за почитување на нејзините права

За Дескоска судската власт е независна, за Царовска сите граѓани се еднакви пред законот. Двете министерки одговорија на отвореното писмо на Јанкуловска која во последните денови од бременоста има 8 закажани судски рочишта за предметот Тенк на СЈО. Министерските за правда и за труд и социјална политика сепак останаа без конкретен одговор на прашањето на Јанкуловска  дали на ваков начин Владата на СДСМ се грижи за правата на мајките и ги штити децата.

Мојата заложба ќе биде судството да го направиме независно и немам намера да се мешам, ниту во диктирање на водење на постапки во судовите, ниту пак какви судски одлуки ќе носат судиите. Извршната власт нема право ниту да се меша, ниту да укажува како да се водат одредени судски постапки, а уште помалку какви да бидат судските одлуки во постапките, рече Дескоска.

„Гордана Јанкуловска нема причина воопшто да се вознемирува затоа што таа, како и сите граѓани ќе биде третирана по закон. Во однос на она што го поставува во писмото, а се однесува на судските пракси одлуки и процедури, тоа не е во моја надлежност“, рече Царовска.

Одбраната на Јанкуловска пак утрово до судот ја достави целокупната документација за ризичната бременост за да се  утврди дали екс-министерката може  да присуствува на закажаните судења. По барање на Специјалното обвинителство, судијката Кацарска ќе определи и стручно лице кое ќе ја преиспитува нејзината состојба. Дали ќе се одржат закажаните рочишта засега е неизвесно.

За предметот Тенк, екс-премиерот Груевски доби затворска казна од две години, додека поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски, беше осуден на 6 ипол години.