Македонија
24. January 2020 - 19:19

Дескоска член на Венецијанската комисија: За опозицијата одлуката е скандал, за власта нема судир на интереси

Спорна номинација или регуларна кандидатура? Оваа дилема го прати изборот на министерката за правда Рената Дескоска за нов член на Венецијанската комисија. Номинацијата беше предмет на различни толкувања, откако лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски нејзиното назначување го нарече скандалозно.

Според него, со номинацијата на Дескоска се крши Законот за антикорупција, кој забранува едно лице кое е веќе избрано од Владата, да биде предложено за друга функција од истата Влада.

Дескоска, пак, обвинува дека сето ова претставува дефокус на јавноста, во пресрет на носењето на Законот за Јавно обвинителство

“Прво, членство во Венецијанска комисија, членство во ГРЕКО и слично не се смета за вршење на јавна функција. Сите носители на јавна функција имаат обврска да поднесат анкетен лист до ДКСК. Исто така ДКСК води Регистар на јавни функционери и до сега никогаш ниеден член на Венецијанска или на ГРЕКО не бил ставен по тој основ во тој регистар, ниту поднел анкетен лист заради членството”

Слично мислење понуди и лидерот на СДСМ, кој вели дека со назначувањето на Дескоска не може да има судир на интереси.

И Дескоска, но и Мицкоски јавно ја повикаа Антикорупциската комисија како единствена надлежна институција да одговори – дали професорката може во исто време да биде и министер и член на Венецијанската комисија.

Од Антикорупциска за Сител информираа дека предметот ќе биде разгледан, по што ќе одлучат дали има судир на интереси во овој случај.

Мандатот во Венециска комисија е 4 години. Досега Македонија во Венецијанската комисија ја претставуваше професорката од Правниот факултет и правен советник на ВМРО-ДПМНЕ, Тања Каракамишева.