Македонија
18. јуни 2018 - 19:25

Десетина уапсени и повредени во синоќешните протести - осуди за прекумерна сила и употреба на солзавец

Повредени 10 полицајци од кои еден со потешки повреди, 4 граѓани и еден новинар завршиле синоќа на ургентен. Во градската болница 12 лица биле хоспитализирани со повреди. 26 лица се приведени , ова е епилогот од вчерашните протести во Скопје. Со голем број димни, шок бомби и солзавци беше разбиена толпата граѓани.  Од МВР велат дека демонстрантите употребиле сила ги нападнале полицајците и искршиле неколку објекти.

Од хелсиншкиот комитет за човекови права реагираат на прекумерна употреба на хемиски средства особено бидејќи меѓу граѓаните голем дел беа возрасни лица, жени и деца. Од комитетот ќе бараат одговор од внатрешна контрола за преземените дејствија на полицијата. Реагираат и од Агенцијата за медиуми кои порачаа дека на медиумите треба да им се овозможи непречено да ја извршуваат својата работа. Оттаму апелираат новинарите непристрасно и избалансирано да известуваат и да не поттикнуваат насилство. Во вчерашните протести беа повредени  медиумски екипи и приведен еден новинар.

Сoгласно законот 5 малолетници кои беа приведени откако биле идентификувани се пуштени на слобода. За вчерашните настани Јавното обвинителство веќе презема мерки дали биле извршени незаконски дејствија од лицата кои се лишени од слобода по што ќе информираат дали ќе следат кривични пријави. МВР ќе идентификува и лица кои преку социјалните мрежи  испраќале заканувачки пораки до функционери.