Балкан
8. July 2020 - 17:07

Десетици повредени полицајци и демонстранти во насилните протести во Белград

Протестите во Белград започнаа мирно во знак на незадоволство поради повторното воведување на полициски  час, но потоа ситуацијата кулминираше. Во еден момент, дел од незадоволните насилно  се обидоа да влезат во Собранието. Полицијата со пендреци ги исфрли од холот. 

Судирите меѓу полицијата и демонстрантите потоа продолжија околу Собранието и низ белградските улици.Полицијата со солзавец се обиде да ги разбие демонстрациите и да ги потисне на периферијата, им беше вратено со каменици и запалени шишиња. 

Демонстрантите почнаа да се повлекуваат дури откако беше ангажирана коњичката полиција. Во тие моменти беа запалени и 5 полициски возила.

Повлекувајки се пред полициските сили, граѓаните пред камерите револтирано ја коментираа политиката на власта за време на корона кризата.

Во протестите повредени се десетици граѓани и полицајци. На видеата постирани на социјалните мрежи и преку медиуми се гледа употреба на прекумерна сила и агресивност од двете страни, некои пак настрадаа затоа што седеа на клупа.

Директорот на полицијата денеска соопшти дека во вчерашните протести се упасени дваесетина лица, меѓу кои и организаторот на упадот во Собранието, Дамњан Кнежевиќ познат како водач на таканаречените народни патроли против миграните.