Свет
18. September 2017 - 11:35

Десетици лица уапсени во Сент Луис на протести поради ослободување полицаец кој уби Афроамериканец

Повеќе од 80 лица беа уапсени синоќа во Сент Луис, во државата Мисури, на третиот ден од протестите што се одржуваат поради ослободување на белокожиот полицаец Џејсон Стокли, кој уби Афроамериканец. 

За денеска се очекуваат уште помасовни протести, три денови откако судијата го ослободи поранешниот полицаец Стокли, кој во 2011 година го застрела 24-годишниот Антони Ламар Смит. 

Стотици лица веднаш по донесувањето на одлуката се собраа на демонстрации со цел да бараат расна еднаквост. 

Во текот на претходните денови протестите се одиваа мирно, но синоќа група радикални млади лица кршеа прозорци и фрлаа со различни предмети кон полицијата, по што избија судири меѓу демонстрантите и полицијата. 

Еден полицаец бил полесно ранет во немирите. 

Полицијата од Сент Луис соопшти дека од демонстрантите конфискувала оружје и молотови коктели.