Балкан
17. March 2016 - 12:31

Десетици илјади луѓе ги напуштиле домовите заради борбите во југоисточна Турција

Десетици илјади лица, кои живеат во Јуксекова, во округот Хакјари, и во Нусајбин, во округот Мардин, во југоисточна Турција, во текот на последните три дена ги напуштиле своите домови заради новите судири меѓу турските сили за безбедност и бунтовници од Курдската работничка партија (ПКК), информира весникот  „Хуриет дејли њус“.

Приближно 40.000 од вкупно 70. 000 жители на Јуксекова избегале кон другите градови, најмногу кон Хакјари или Ван, откако во нивниот град на 13 март вечерта влезе во сила 24-часовен полициски час.

Турските сили за безбедност водат борби во градот против приближно 350-400 курдски бунтовници, ги користат рововите ископани од бунтовниците, и деактивираат експлозиви. Канцелариите на валиите на Хакјари и Ван им нудат помош на луѓето кои ги напуштиле своите домови.

Пред почетокот на големите операции локалните власти ги повикаа цивилите привремено да ги напуштат своите домови, ако тоа е можно.

Во последните три дена во операциите во југоисточна Турција се убиени 28 бунтовници на ПКК, покажуваат податоците на армијата.

Официјалните пдоатоци говорат дека од Нусајбин, град со население од 90. 000 жители, веќе околу 50.000 ги напуштиле своите домови.