Македонија
15. November 2016 - 10:09

Десет сообраќајки вчера во Скопје, „пајакот“ кренал 78 возила

Десет сообраќајки се евидентирани во изминатото деноноќие во Скопје, при што во пет со полесни повреди се здобиле пет лица, а во пет е причинета само материјална штета.

Како што информираа за МИА од СВР - Скопје, сообраќајната полиција, санкционирала тројца возачи кои возеле под дејство на алкохол и се исклучени од сообраќај, шест не ги почитувале правилата за престигнување, двајца поминале на црвено светло на семафор, 37 не користеле сигурносен појас или користеле мобилен телефон, а 20  биле без возачка дозвола, односно со нерегистрирано возило. Затекнати се и 53 непрописно паркирани возила.

Со помош на специјалното возило „пајак“, во текот вчерашниот ден отстранети се 78 возила кои во поголема мера го попречувале нормалното одвивање како пешачкиот и моторниот сообраќај.

Во рамки на проектот „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“ денеска Одделението за превенција при СВР Скопје ќе реализира едукативни работилници со ученици од четврто одделение во ООУ „Коле Неделковски“ на подрачјето на општина Центар.

Од сообраќајната полиција потсетуваат дека од денеска до 15 март во сила е обврската возачите во своите возила кои учествуваат во сообраќај на пат задолжително да носат, односно да поседуваат пропишана зимска опрема.