Свет
6. November 2017 - 22:09

Десет сѐ уште во критична состојба, мотивите на напаѓачот од Тексас - семејни несогласувања

Десет од 20 повредени во вчерашниот масакр во Првата баптистичка црква во Садерленд Спрингс, во близина на Сан Антонио, во Тексас, се во критична состојба, соопштија властите . 

Полицијата денеска соопшти дека напаѓачот кој уби 26 луѓе во црквата во Тексас, за да го стори грозоморниот акт, најверојатно бил поттикнат заради семејни несогласувања

- Во тоа семејство имало несогласувања...Нападот не е изврпшен поради верски или расистички мотиви, изјави Фриман Мартин, претставник на полицијата. Тој додаде дека, мајката на сопругата на напаѓачот Девин Патрик Кели, ја посетувала црквата во која тој пукал.

Кели минал 12 месеци во затвор, откако бил осуден пред воен суд во 2012 година, а во 2014 година бил отпуштен од војска поради лошо владеење и одземен му е чинот. Живеел во предградие на Сан Антонио, голем тексашки град оддалечен педесетина километри.

Тој ги нападна верниците во Првата баптистичка црква во Садерленд Спрингс, во близина на Сан Антонио, со пушка Ругер, а дошол опремен и со панцир, очекувајќи дека ќе се соочи со вооружени граѓани или со полицијата. Вооружени граѓани се обиделе да го застрелаат Кели, кој се дал во бегство, но на крајот бил застрелан. 

Жртвите се на возраст од 18 месеци до 72 години и безмалку нема семејство во малото место со 400 жители кое не е погодено од нападот.