Македонија
19. April 2021 - 8:27

Десет илјади вакцини на „Фајзер“ треба да пристигнат во земјава

 Попладнево се очекува во земјава да пристигнат 10 илјади вакцини на „Фајзер“, а исто толку се очекува да стигнат и на 26 април. Вакцините денеска со авион ќе стигнат во Софија, а попладнето со специјален транспорт ќе дојдат во Скопје.

Кон крајот на април ќе дојдат и 200 илјади кинески вакцини, а вакцинирањето ќе продолжи по истиот систем како и досега односно по возрасни групи.

Во земјава досега се вакцинирани околу 35 илјади граѓани, од кои околу 13 илјади ја примиле вакцината на „Астра Зенека“, од која има уште 10 илјади на располагање. Нешто помалку од три илјади има од руската „Спутник-В“ и илјада од кинеските вакцини. Во СЦ „Борис Трајковски“ се вакцинираат граѓани на 73 и 74 години со поредуцирани термини од претходните денови, бидејќи често доаѓаат со придружба.

Министерот за здравство Венко Филипче пред неколку дена ја оцени како стабилна состојбата во болниците и рече дека нема некој голем и неконтролиран наплив на пациенти во сите јавно-здравствени установи во Скопје и во државата. Тој очекува во наредниот период бројот на хоспитализации да почне да се намалува.

Смета дека мерките даваат резултати, но потребно е максимално да се придржуваме до нив за да го надминеме и овој епидемиолошки бран.

Филипче рече дека граѓаните ќе можат да испитуваат антитела на товар на Фондот, но ќе бидат потребни одредени критериуми и нема да може тоа да го прави секој.

– Разговарав со директорот на Институтот и заклучивме дека, сепак, има индикации да се прават испитувања за антитела. Се договоривме, да се врати повторно одлуката да се прават тие испитувања на антитела на товар на Фондот во Институтот за биохемија, но под одредени критериуми, да не биде дека кој било може да го направи тоа испитување оти финансискиот товар е многу голем, истакна министерот.

Според вчерашните податоци на Министерството за здравство ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 986 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, а во Скопје се лекуваат 702 ковид пациенти. Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1688 и има околу 330 празни болнички кревети во ковид центрите.

Според вчера објавените податоците од Институтот за јавно здравје, регистрирани се нови 364 случаи на Ковид-19 од направени 2.379 тестирања. Оздравеле 689 пациенти, а починале 24, од кои најмладиот е на 40-годишник од Скопје.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 147.094, бројката на оздравени пациенти е 122.810, на починати е 4.443, а бројот на активни случаи изнесува 19.841. 

Ново на Сител