Бизнис
10. July 2017 - 12:48

Десет години од почетокот на финансиската криза во САД

10 јули 2017 

СЕЕБИЗ - Загреб

Пред десет години во САД почнаа да се уриваат првите плочки на доминото кое со верижна реакција брзо доведе до глобална финансиска криза. Дали политичарите и светот на финансиите станаа попаметни? 

Познато е дека по битката секој е голем војсководец. Но, кога во април во 2007 година компанијата што осигуруваше хипотекарни кредити „Њу Сенчри Фајненшл“ прогласи стечај, во Европа можеби само стручните билтени го проследија тоа со кратки натписи. Малку поголеми вестите беа во јуни кога во неволја се најдоа и два хеџ-фондови на инвестициската банка „Бир Стимс“, но и тогаш тоа се уште ги интересираше само експертите. 

Но, тоа траеше само неколку недели додека не стана јасно дека банките од сите делови во светот на големо шпекулираа со тие сертификати. Тогаш многумина воопшто и го научија тој збор и дознаа за ризичните хартии кои всушност никој паметен не би ги допрел ни со стап. Вестите за кризата полека почнаа да доаѓаат и на насловните страни бидејќи неволјите дојдоа и во Германија. Банката ИКБ од Дизелдорф премногу се коцкала и мораше да биде спасена со пари од даночните обврзници и државни гаранции.

- Тоа за Германија беше почеток на кризата по која следеа уште многу акции за спасување, се сеќава Аксел Вебер, кој тогаш беше претседател на германската Централна банка, а денес е на чело на швајцарската банка УБС.

Следните месеци секогаш одново се откриваше во која мера светот на парите е вмрежен и како дури ниту малите провинциски банки и парични институции не го избегнаа тој опасен вик на глобализацијата. А кога во септември 2008 година пропадна и големата инвестициска куќа „Леман Брадерс“, се чинеше дека никој и ништо нема да ја избегне пропаста.

Германија тука „седна” на кочницата и сфати дека мора да ја отвори своја државна каса/ - Тогаш со брзина каква што не се памети, во Парламентот беше изгласан Закон за стабилизација на финансискиот пазар, продолжи Вебер, зад кој стоеја вкупно 480 милијарди евра, 400 милијарди за гаранции и околу 80 милијарди поддршка на капиталот на банките.

Веќе и поради тие поплави на пари, вестите за пропаст на банките станаа барем многу поретки. Но, дали нешто се научи од целата оваа катастрофа? За тоа е одржана конференција на франкфуртската Финансиска школа и нејзиниот заклучок не е толку недвосмислен.

- На прв поглед, денес во финансискиот сектор имаме постабилна состојба, вели Херберт Ханс Гронткер. Тој е на чело на Покраинската банка на Хесен и Тиринген и е претседател на Здружението на сите јавни банки во Германија.

Според него, брзо се покажа дека и таквите банки многу се вмешани во гаранциите на хипотекарните кредити од далечните САД.

- Но, дали станаа постабилни и на втор или трет поглед, тоа не е никако сигурно како што се гледа, ако фрлиме поглед на југот на Европа во последните недели, проодлжува Гронткер.

Бидејќи кон крајот на јуни италијанската Влада објави дека ја предала сопственоста над две „системски неважни” банки (повторно граѓаните плаќаат за спас на банките...), што даночните обврзници во Италија ќе ги чини околу 17 милијарди евра. Исто така во јуни и во Шпанија е продадена „Банко Популар“ за симболична сума од едно евро.

Мадрид има среќа што „Сантандер“ беше заинтересирана да ја преземе пропадната банка – заедно со нејзините многу проблематични побарувања. Дали кризата е завршена? Одговорот е јасен...

Елке Кениг е на чело на европската институција за санација на банките СРМ и вели дека „Шпанците имале многу среќа”. Таа по својата функција и сама учествувала во оваа акција на Владата во Мадрид која е договорена буквално преку ноќ и среќа е што не морале да плаќаат даночните обврзници туку таму барем постоел „заинтересиран купувач”: шпанската голема банка „Сантандер“.

Но и таму беше јасно дека нема време за долги размислувања и барање на можеби некои подобри решенија. - Таквите акции не можете да ги почнете во вторник навечер и да се надевате дека во среда наутро ќе бидат готови, вели Кениг.

Аксел Вебер, кој ја „промени страната” и од чело на Сојузната сега застана на чело на една комерцијална банка, а и поради тоа негово искуство можеме да му веруваме кога вели дека во финансискиот сектор се уште е далеку од тоа се да биде во ред.

- Ние се уште ги решаваме проблемите од таа криза, но се уште не сме дошле до период по кризата, вели Вебер. - Дури откако сите тие пропаднати инвестиции ќе поминат преку книги и кога тие загуби ќе бидат реализирани, можеме да кажеме дека кризата е завршена, вли тој.

А колку долго сето тоа ќе трае, тоа не го знае никој.

Бидејќи многу банки немаат ниту сила конечно да „ги пресечат” своите авантури од минатото од едноставна причина што не заработуваат ни од далеку толку колку што профитирале во „златните” времиња. Но, во времето на камата од 0 отсто на Европската централна банка, комерцијалните банки со тешка мака заработуваат, а тука се и дополнителните барања за обезбедување на гаранции и цело море нови прописи.

Секако, поради вратоломните авантури во кои се впуштале банките, токму и поради тие прописи сега можеме да имаме поголема доверба во нашите банки. Но, тие прописи се толку големи и сложени што самите банки мора да вработуваат цела војска соработници кои само ќе ги проучуваат прописите. На пример, првиот меѓународен договор за регулација на безбедноста на банките, т.н. Базел1 во 1988 година беше собран на 30 страници, ни вели Вебер. Наследникот на тој договор, Базел 3 кој е договорен во 2013 година е напишан на 600 страници, американскиот закон „Дод-Франк Акт“ e дебел 30.000 страници!

А потоа доаѓаат и ставки од тие регулациски тела на кои итно треба да се даде квалифициран одговор.

- Дадов да се пребројат ставките кои ние во УБС ги добиваме за придржување на прописите. Тоа се меѓу 50 и 60 илјади ставки секоја година, вели Вебер.

Мартин Зелке, претседател на Управата на „Комерцбанк“ додава дека не треба да се сфати оти банките со тоа бараат помалку регулации, туку само разните правила меѓусебно подобро да се согласат, не само на ниво на едно финансиско подрачје, туку и меѓународно.

Не постојат сериозни сомнежи дека такви меѓународни рационализации на прописите сега се воопшто можни. Сосема спротивно од тоа: американскиот претседател Трамп и неговите блиски соработници кои многумина доаѓаат токму од банките, веќе најавуваат помалку прописи во финансискиот свет. Секако, Вашингтон не ни помислува за тоа прво да бара договор со Европа или со некој друг.

Затоа Зилке се плаши дека ќе дојде до „ренационализација на регулативите” што само ќе ја отежни меѓународната соработка. Елке Кениг предупредува со германската поговорка дека „ништо не се јаде толку жешко како што се готви жешко” и дека промените веројатно ќе бидат помали од тоа што се најавува.

- Бидејќи инаку ќе ја затвориме кружницата и ќе стоиме повторно на почеток, вели тој.

Значи таму каде што се наоѓавме и пред избивањето на кризата.