Македонија
17. April 2016 - 9:34

Десет години детски хор „Ѕвончиња“-Битола

Детскиот хор „Ѕвончиња“ од Битола, својот јубилеј – 10 години постоење ќе го одбележи со целовечерен концерт под наслов „Низ душата на македонската песна со ангелските гласови на ѕвончињата“.

- На концертот што ќе се одржи вечер од 18 часот во големата сала на битолскиот Центар за култура, ќе настапат детскиот хор „Ѕвончиња“, Тин - „Ѕвончиња“,  вокалната група „Мелодиум“, како и Преспанските „Ѕвончиња“, сите под водство на уметничкиот ракводител Марина Коруновска. Специјални гости на концертот ќе бидат учениците од школата за хармоника на професорот Кирил Стојчевски, КУД „Илинден“ и други кои заедно со децата и нивните гласови ќе ја пренесат љубовта кон македонската песна, информираат од детскиот хор „Ѕвончиња“. 

Во детскиот хор „Ѕвончиња“ денес работат 3 групи „Ѕвончиња“ 1 и 2, како и Тин - „Ѕвончиња“, поделени според возраста, а повозрасните некогашни „ѕвончиња“, денес средношколци или ученици од повисоките основни одделенија, се дел од хорот „Мелодиум“.

- Членовите на хорот одржале повеќе хуманитарни концерти под наслов „Пееме до ѕвездите“,  донирале средства за набавка на медицински апарати за болните дечиња во Домот за доенчиња и мали деца во Битола, за набавка на инструмент пијанино во музичкото училиште, а пред три години средства за живеалиштето на нилското коњче во битолската зоолошка градина, информираат од секторот за односи со јавност.

Освен по својата хуманост, детскиот хор „Ѕвончиња“ е препознатлив по многуте настапи во државата и надвор од неа, а во 2013 во конкуренција на 700 учесници од повеќе држави во светот, Детскиот хор „Ѕвончиња“ во бугарскиот град Созопол  ја освои првата награда во категоријата на Класична музика, а членката на овој хор Магдалена Кочоска беше првонаградена во категоријата естраден вокал.