Македонија
29. јуни 2020 - 16:52

Дерковски очекува затворање на избирачкиот список до среда, републички изборен штаб започна со работа во МВР

Милион 814 илјади лица ќе имаат можност да го дадат својот глас на претстојните избори, шест илјади повеќе во споредба со претседателските избори лани. Првиот човек во Државната изборна комисија тврди дека на легитимноста на документот се работи постојано, ветувајќи прочистен избирачки список кој официјално ќе биде заклучен в среда.

“Сметам дека континуираното чистење на списокот кое се одвива во ДИК, како и континуираното доставување на извештаи од МВР, доведува до тоа да списокот има високо ниво на прочистеност и граѓаните не треба да се грижат дали тој е во ред”, рече Дерковски.

За регуларноста на изборите задолжено е Министерството за внатрешни работи. Формиран е републички изборен штаб со кој ќе раководи директорот на Бирото за јавна безбедност и кој ќе работи по прецизно утврден план.

“Во рамките на овој оперативен план ќе бидат преземени активности на терен, со цел идентификација на каков било вид на изборни нерегуларности, вклучително и фалсификати и злоупотреби на личните документи на граѓаните”

Чулев и Дерковски упатија апел до политичките субјекти да водат фер кампања со почитување на законите, а воедно ги охрабрија граѓаните да пријават во МВР каква било нерегуларност или активност насочена кон кршење на избирачкото право.