Македонија
2. May 2019 - 16:26

Дерковски очекува демократски избори и исполнет цензус на 5. Mај

Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски очекува изборниот ден во недела да биде демократски како и во првиот круг. Според него, ќе се постигне потребниот цензус.

-Потребниот број за цензус во вториот круг е 723.253 гласачи кои треба да излезат за да биде успешен вториот круг претседателски избори. Јас се надевам дека ќе завршиме успешно, ќе го има цензусот и ќе избереме претседател на државата. Изборната кампања во пресрет на вториот круг мина во мирна атмосфера, без посериозни нарушувања на процесот, изјави ОЛИВЕР ДЕРКОСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДИК.

Деркоски рече дека и овојпат ќе се потрудат неофицијалните првични податоци да ги објавуваат брзо.

-И овојпат ќе се потрудиме да се направи истото, мислам дека уште побрзо ќе оди затоа што се само двајца кандидати, рече Деркоски.

Денеска од печатницата Киро Дандаро во Битола започна дистрибуцијата на гласачкиот материјал, од каде 12 тимови започнаа да ги носат во општинските изборни комисии низ земјата.

-Работата се заврши во најкраток можен рок, ние буквално вчера во раните утрински часови го завршивме целокупното печатење, средување, комплетирање на материјалите, изјави ДРАГИ МИЛОШЕВСКИ, ДИРЕКТОР НА ПЕЧАТНИЦА КИРО ДАНДАРО БИТОЛА.

Од печатницата потенцираа дека овие ливчиња се со висока заштита и дека не може да се фалсификуваат.