Македонија
17. August 2018 - 15:56

Дерковски: Нема фантоми во Избирачкиот список

Претседателот на  ДИК Оливер Дерковски денеска изјави дека нема фантоми на Избирачкиот список, кој според него е динамична категорија и никогаш нема да биде идеално чист, затоа што во списокот се наоѓаат лица кои на дневна основа се менуваат. 

-Ве уверувам дека нема фантоми на Избирачкиот список.Тоа беше терминологија што се користеше во изминатите години, веројатно од други причини. Нема такви лица во ИС, има ситуации, вели Дерковски. 

Тој посочи на повеќе примери и тоа на една иста улица, на еден број кога  имам повеќе куќи, а тоа се најчесто населби каде што има дивоградби што се уште немаат регулиран статус на легален објект. 

- Во тој случај, за да им излезат во пресрет или да им овозможат да се стекнат со одредени лични документи и да остварат некое свое право како граѓани во МВР под иста адреса заведуваат стотина лица. И затоа вие кога ќе побарате на нашата веб страна на одредена адреса ви излегуваат 100 и повеќе лица, вели Дерковски.

Додаде дека има промена на презимиња поради брачен статус, и менување на нови улици итн. 

Состојбата во Избирачкиот список, вели тој, се врзува со бројот на државјанства. Република Македонија, како што кажа, има издадено околу 2.460.000 државјанства и кога ќе се извади бројот на малолетните лица,тогаш се добива фактичката бројка во Избирачкиот список, рече Дерковски.

Претседателот на ДИК информираше и за денешната средба што членовите ја имале со премиерот Зоран Заев на која било констатирано дека треба да се развива соработката меѓу Владата и ДИК во правец на овозможување услови за техничко опремување и друго што и е потребно со цел правилно организирање на референдумот. 

- Наидовме на разбирање од Владата и дека ќе ни се овозможат сите потребни услови, рече претседателот на ДИК. 

Тој  ги информираше новинарите дека имале средби со претставници на ЗЕЛС, Министерството за труд и социјална политика, кое информирало дека во моментов во земјава има само седум привремено раселени лица, како и дека во соработка со МВР се работи на решавање на проблемот со личните карти за 300 затвореници. Вчера за лична карта биле сликани 150 затвореници и кога ќе ги добијат своите документи тие ќе бидат ставени во  Избирачкиот список.

Дерковски исто така кажа дека членовите на Комисијата немале средба со претставници на Собранието освен првичниот контакт по нивниот избор.

- Не сакаме да се мешаме во надлежностите и одлуките на Собранието, рече Дерковски. 

До денеска до пладне 2.658 граѓани ги провериле своите податоци во Избирачкиот список во подрачните канцеларии на Државната изборна комисија (ДИК), додека преку веб страната на Комисијата односно електронски тоа го направиле 11.481 граѓанин. 

На денешната седница на ДИК беше потенцирано дека увидот, што трае до 23 август на полноќ, се одвива без проблеми. 
 
Паралелно тече и пријавувањето на иселениците за гласање на референдумот. До денеска исто така напладне за изјаснување во нашите ДКП се пријавиле 1.112 македонски државјани. Од нив 1.088 се прифатени. Меѓу ДКП-та каде има повеќе пријавени се Берн - 87, Виена 69, Лондон, Берлин...
 
Претседателот на ДИК Дерковски истакна дека засега во споредба со парламентарните избори има помало темпо на пријавување на македонски државјани во странство за референдумот, но изрази надеж дека до завршување на пријавувањето на 23 август тоа ќе се промени. 
 
На Седницата на ДИК  беа пополнети испразнети места во општинските изборни комисии, беа одобрени овластувања за набљудување на референдумот на  Граѓанската асоцијација МОСТ и на Меѓународната фондација за изборни системи ИФЕС.ДИК исто така донесе одлука за одобрувањње средства за изнајмување простор во 500 до 600 рурални средини каде би се одвивало изјаснувањето за референдумот и каде Комисијата нема свои простории.