Македонија
29. November 2018 - 18:55

Дератизација на канализациските шахти и градската депонија во Кочани

 Локалната самоуправа на Кочани спроведува дводневна акција за дератизација на канализациската мрежа за што се набавени 250 килограми кумарински препарат за труење глодари.

Стручни екипи од Центарот за јавно здравје, со поддршка на технички персонал од комуналното претпријатие “Водовод“ ги поставуваат кумаринските мамци во канализациските шахти во градот и во селата Мојанци, Горни и Долни Подлог, Грдовци, Тркање, Прибачево и Оризари. Дел од мамците ќе бидат распоредени и на градската депонија, каде исто така е регистрирана појава на глодари и други штетници кои се преносители на заразни болести.

-Акцијата е превентивна и е во рамки на програмата за заштита на населението од заразни болести, во која е вклучено и редовното прскање против комарците. Со оваа активност се третираат околу 1.300 шахти во населените места, а за набавка на препаратот од општинскиот буџет се издвоени 150 илјади денари, информираа од одделението за јавни дејности на Општина Кочани.

Акцијата за дератизација се спроведува токму во овој период од годината затоа што по завршувањето на жетвата на оризот вообичаено се регистрира зголемено присуството на глодари во населените места.

Од Центарот за јавно здравје информираа дека кумаринските мамци се специфично обоени парафинирани блокови и се лесно воочливи, заради што упатија апел до граѓаните доколку ги забележат да не ги допираат.