Балкан
22. July 2020 - 13:10

Депортација на нелегални мигранти од Грција во Пакистан

Доцна вчера, мигранти од Пакистан, кои нелегално пристигнале во Грција, беа депортирани во нивната земја на потекло, со што одново започна процесот на депортација на лица кои немаат право на азил во земјата.

Како што соопштија од Министерството за миграција и азил на Грција, на атинскиот аеродром, за време на депортацијата на мигрантите бил и надлежниот министер за миграциска политика Нотис Митаракис, кој рекол дека „Грција спроведува строга, но праведна мигрантска политика“, а целта е оваа година, бројот на депортации да стигне до 10.000.

Вчерашното принудно враќање на мигрантите, било во рамките на договорот меѓу Грција и Пакистан, а процесот на депортација продолжува по пауза од четири месеци поради коронавирусот.

Враќањата на мигранти, Грција ги спроведува преку неколку различни процеси: преку принудни депортации кон трети земји, како што беше случајот вчера, враќања кон Турција врз оснава на договорот ЕУ- Турција, доброволни заминувања, преку Меѓународната организација за миграција и префрлања врз основа на Даблинската регулатива.

Во првата половина од годинава, 3.591 лице било вратено во земјата на потекло или од Грција префрлено во некоја од државите на ЕУ.